Македонската машка ракометна репрезентација ќе одигра два пријателски натпревари со селекцијата на Грција во Солун, во рамките на ЕХФ неделата и воедно како подготовки за настапот на Европското првенство во Германија, во јануари наредната година.

Но очигледно селекторот на Грците, Георгиос Заравинас, има проблем со името на нашата држава и во изјава за сајтот на тамошната федерација го најавува двомечот како средби со тимот на Скопје.

-Сега во Солун ја спроведуваме првата недела од подготовките за нашиот нов напор, нашето присуство на ЕУРО. Оваа фаза е важна за нас и ќе одиграме две силни официјални пријателски средби со Скопје. Вредни за нас што ќе играме силни пријателски натпревари против земји кои во последните години постојано се присутни во завршните фази на европските и светските првенства. Нашиот тим ќе биде составен од машката репрезентација со младинската репрезентација која учествуваше летото на Светското првенство. На крајот на краиштата, машката репрезентација мора да биде отворена за нови деца кои бараат место. Нашиот втор собир ќе биде на 16-17 декември, каде што е последната фаза од подготовките, изјави грчкиот селектор за мечевите со Македонија, односно со Скопје.

Натпреварите меѓу Македонија и Грција се играат во Солун на 3 и 4 ноември од 17:30 часот.