На „Форумот на праведна транзиција 2023 година“, во Скопје, во организација на Енергетската заедница, која е дел од работните тела на Европската Унија, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ја потенцираше стратешката важност на општината во процесот на праведна транзиција, како и моменталните активности на општината, коишто се преземаат во насока на подобрување на енергетската ефикасност и безбедност.
-Најновиот проект, за кој општината неодамна потпиша договор со Делегацијата на Европската Унија и УНОПС, е во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух“. Со овој проект во следните три години ќе се заменат старите системи на греење, во две училишта во Битола и во една градинка, а ќе се засадат и голем број садници на одредени делници во градот, со што ќе се намали загадувањето на воздухот, како еколошки здравствен проблем број еден во ЕУ – истакна Коњановски.
Тој, исто така, наведе дека во процес е и поставувањето фотоволтаици на подрачното основно училиште „Даме Груев“, во селото Долно Оризари, бидејќи како што кажа, важно е руралните средини да имаат исти услови за раст и развој на децата, со цел да се намали миграцијата град-село.
Воедно, тој истакна дека со средства од Министерството за образование, ќе започне процедурата за поставување на фотонапонски централи на три средни училишта во градот, а се подготвува проектна програма и за поставување на фотоволтаици на други три основни училишта.
-Во фаза на формирање сме на меѓуопштинско јавно претпријатие за превоз на општините Битола, Новаци и Могила, со што ќе се даде активен придонес кон намалувањето на загадувањето од моторните возила – потенцираше Коњановски.
За него, енергетската транзиција е неминовен процес за кој општината се подготвува и го прифаќа во рамките на сите свои можности.
Тој напомена дека на минатонеделните средби со претставниците на водечките светски банки во рамките на дискусиите за Нацрт-програмата во заедничката мисија на Климатскиот инвестициски фонд за забрзана транзиција од јаглен, јасно ги истакнал приоритетите на општината и побарал средствата коишто се однесуваат на општина Битола, да бидат земени во предвид за развој на Индустриската зона Жабени која поддржува нискозагадувачка индустрија, за енергетска ефикасност на објектите во јавниот сектор и приватните колективни домувања, како и поддршка за развојот на локалните компании и стартапи.
-Исто така, за нас е важно општината преку свои претставници, да биде вклучена во телата кои што ќе одлучуваат за распределба на средствата во насока на потребите на општината. Од нас не зависи како и кога ќе се одвива фазата на напуштање на јагленот, но нашите приоритети како општина, е да се овозможат зелени вработувања и останувања на младите во својот град“ – истакна градоначалникот Коњановски.
Во рамките на Форумот, свои обраќања имале и државните секретари на министерствата за економија и животна средина, министри и претставници од државите на Западен Балкан и заменик-директор во Секретаријатот на Енергетската заедница, д-р Дирк Бушл.