Претседателката го екипира кабинетот во Вила Водно и се спрема за пат: Сиљановска Давкова на аудиенција кај Папата Франциск

268

Прва официјална дестинација на новата претседателка ќе биде Ватикан и Рим. Сиљановска ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј. Според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциск на 23 мај, а потоа и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан. Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со колегата Серџо Матарела,  Засега нема потврда, но се прави обид за билатерална средба со бугарскиот претседател Румен Раде кој со своја делегација ќе биде на чествувањето во Рим. Ваква пракса се воспостави откако двете држави го потпишаа договорот за добрососедство.

Во изјава пред да биде избрана за претседателка Силјановска Давкова рече дека нема да оди ниту во Брисел ниту по светот, туку има  намера првите средби да и бидат со соседите. Од кабинетот велат дека претседателката на состанокот со  евроамбасадорот Гир разговарала   за официјална посета во Брисел. Причината поради која не се закажани се уште средби со челниците на ЕУ не е претседателката туку набиената агенда која ја имаат претседателите на ЕК и ЕС.

Пред заминувањето за Рим, новата претседателка на Македонија ги прави првите потези за екипирање на својот кабинет. Таа ги одбра првите луѓе во кабинетот- Генерален секретар ќе биде дипломираниот правник Ѓорѓи Божинов, а негов заменик новинарот Горан Момировски.

Во сивито на Божинов стои дека тој има 30 годишно работно искуство како правник во министерството за земјоделство, во програмите нза финансиска поддршка, бил дел и од процесот на јавните набавки, но и во области поврзани со реформите за влез во Европската Унија. Момировски е познат на јавноста, како новинар – уредник и водител во неколку национални телевизии , а бил дел и од јавниот сервис. Во 1999 година, кога се случи бегалската криза а потоа и воениот конфликт во Македонија во 2001 година, Момировски е назначен за шеф на оделот за комуникации при Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации. Работел и како регионален координатор за комуникации на Црвениот крст. Момировски беше соработник на Сиљановска и на претседателските избори во 2019 година.

Наредните денови  ќе бидат објавени и останатите членови кои ќе бидат дел од кабинетот на новата претседателка на државата.Претходните членови на екс претседателот Стево Пендаровски, веќе си заминаа од Вила водно. Досегашниот генерален секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров се разрешени од функциите.