„Парови“, што премиерно ќе се одигра на 18 мај, со почеток од 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар – Скопје, е работена по текст на Ана Ристоска-Трпеноска, а режијата е на Ивана Ангеловска. Претставата прикажува неколку парови во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите…
„Парови“ е претставата која премиерно ќе се одигра на 18 мај, со почеток од 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар-Скопје.
Претставата, работена по текст на Ана Ристоска-Трпеноска, а режирана од Ивана Ангеловска, прикажува неколку парови во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите.
Авторката Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст го поставува прашањето: „Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?
„Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница која доминира во дигиталниот свет. Со ‘Парови’ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ“, рече авторката Ристоска-Трпеноска, најавувајќи ја премиерата.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.
Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите се на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев, дизајнот на постер е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов.
Директорката на Драмскиот театар, Викторија Рангелова-Петровска, пак, на прес-конференцијата, направи осврт на традицијата на овој театар за поддршка на текстови на македонски писатели, со што оваа институција се издвојува и го држи приматот на национална куќа на поставување претстави од домашни автори. „Новата премиера воедно е и праизведба на драмскиот текст ‘Парови’ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска. Должна сум да посочам на улогата на Драмски театар во промоцијата на македонски драмски автори и на македонското драмско писмо. Драмски театар од самиот свој почеток, во сите три негови развојни фази од Куклено-детски театар, преку Младинско-детски театар и на крај Драмски театар во програмската политика искрено се залагал за промоција на македонски автори и домашното драмско творештво“, рече Рангелова-Петровска.
Таа потсети на девизата на Ристо Стефановски дека без македонска драма нема театар. „Девизата на Ристо Стефановски беше и остана една од примарните задачи на повеќе или помалку секој раководител на Драмски театар. За таа цел од оваа година Драмски театар започнува со реализација на конкурс за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години, а наградата го носи името Горан Стефановски“, додаде Рангелова-Петровска.