Премиера на Битолски театар: “Детето сонува“ – претстава за суровата реалност на една мајка и едно дете

133

“Оваа претстава зборува сама за себе, таа е еден од каноните на израелскиот театар, напишана од големиот национален драмски писател Ханох Левин (1943-1999). Во претставата има црн хумор кој го опишува чувството и понижувањето за тоа како е да си човек на овој Свет“, ќе посочи режисерот Дорон

“Остра и радикална политичка сатира, чувството и понижувањето за тоа како е да си човек на овој Свет и голготата на една мајка и дете…”, вака накратко може да се најави новата претстава на Битолскиот театар “Детето сонува“ на Ханох Левин, во режија на Итаи Дорон, двајцата од Израел, која премиерно ќе одигра на 26 јануари, со почеток од 21 часот.

“Оваа претстава зборува сама за себе, таа е еден од каноните на израелскиот театар, напишана од големиот национален драмски писател Ханох Левин (1943-1999). Во претставата има црн хумор кој го опишува чувството и понижувањето за тоа како е да си човек на овој Свет. Претставата воедно нуди и една многу остра и радикална политичка сатира. Сликата што ја прикажува овој текст на Левин е суровата реалност која се открива за време на патувањето, добива еден бесконечен облик низ призмата на сонот“, посочи режисерот Дорон.

Првата верзија на текстот датира од 1939 година и била со наслов “Бродот Св. Луис – Песни за смртта“.

Според Лина Чоревска, уметнички директор на Битолскиот театар, “Детето сонува“ е претстава во која се мешаат сонот и јавето, метафорична приказна за возрасни која ги опфака сите човекови емоции. “Напишана за случка која се случила во 1939-та, а актуелна како да е напишана денес, тоа е претстава за голготата што една мајка и едно дете ја поминуваат за да останат живи. Светот од тогаш воопшто не се променил, преплавени сме со слики на бегалци, секојдневно, дури и се навикнавме да го гледаме тоа и да кажеме: добро е, не ни се случува нам… Но меѓу тие луѓе од кои се плашиме има семејства со своја животна приказна, со свои соништа, деца кои допрва треба да го изживеат своето детство и својот живот, а завршуваат завиткани во целофан“, ќе посочи Чоревска, која истакнува дека со работата на режисерот Дорон од Ирзаел се сретнале на едно од изданијата на Шекспир фест и уште тогаш знаеле дека тој треба да работи во Битолскиот театар заради неговиот современ и иновативен израз.

Како што ќе посочи Чоревска, ликовите во драмата се универзални и безвременски: мајката, детето, таткото, капетанот, тие можат да бидат било кои луѓе, во било кое време, во тоа и е големината на ова безвременско дело.

Во претставата главните улоги ги толкуваат Борис Чоревски и Ангел Мицевски, а во останатите настапуваат: Катерина Аневска Дранговска, Огнен Дранговски, Марјан Ѓорѓиевски, Петар Горко, Соња Михајлова, Петар Мирчевски…

Сценографијата е на Омри Росенблум, костимографијата на Благој Мицевски, а дизајнот на светло на Лиор Мајтал. Претпремиерно претставата ќе се изведе на 25 јануари во 20 часот.