Под силно полициско обезбедување вчера во Скопје започна 30от Министерски совет на ОБСЕ кој во земјава на едно место ги седна шефовите на дипломатии од земјите-членки и партнерите на Организацијата. Двајцата клучни дипломати, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не само што не се сретнаа, туку, случајно или не, се разминаа. Блинкен замина веднаш по неформалната вечера во средата, додека Лавров, кој за првпат од почетокот на војната во Украина дојде во посета на една европска, НАТО држава, во земјава слета по завршувањето на вечерата. Летот на Лавров траел 5 часа, затоа што тој во Скопје дошол преку Турција и Грција, откако Бугарија не дозволила прелет на авион во кој се наоѓала и портпаролката на руското МНР. Присуството на Лавров доведе до бојкот од страна на украинскиот шеф на дипломатијата како и на колегите од Полска и од Балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија, а исто така и вчерашниот говор на состанокот во Скопје беше бојкотиран од неколку делегации, меѓу кои и Украинската и Чешката делегација, кои ја напуштија конференциската сала додека Лавров нервозно изреагира: „Оставете ме на мира“.
Лавров: Западот го уништува ОБСЕ
Сепак, првиот човек на руската дипломатија си го кажа своето. Тој ги обвини НАТО и ЕУ-земјите дека ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ и рече дека Организацијата е во жална состојба, била уништена уште во 1999 година и дека „нејзините перспективи се нејасни“. Рускиот министер рече дека ова што моментално се случува во Организацијата не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања и истакна дека западните престолнини го поткопуваат работењето на ОБСЕ.
– Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум, потсети Лавров..
Лавров ја обвини Европа дека има проблем со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена се подготвени однапред. Тој посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија, а ги коментираше и санкциите што Западот и ги воведе на Русија.
-Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион, рече тој.
Блинкен замина, а пораката на САД од Скопје ја испрати помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, кој упати „сериозна критика за секој кој го спречува функционирањето на ОБСЕ“, затоа што, како што рече, „тоа е директна закана кон нејзините вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе кои се обидуваат да ги уживаат основните човекови права “.
Историјата ќе ни суди
Состанокот на ОБСЕ го отвори македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а потоа обраќања имаа и министерот за надворешни работи и актуелен Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит. На отварањето на состанокот, Ковачевски рече дека војната во Украина ги поткопува темелите на ОБСЕ. Тој порача дека ниту една земја, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација и дека „историјата ќе ни суди“.
Пред официјалното отварање, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што дел од државите го откажаа учеството на Советот на ОБСЕ во Скопје, поради присуството на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, Ковачевски истакна дека ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ.
-Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја на некој начин испраќа порака за неоправданата агресија која Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно отсуство, некои со нивно присуство и со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот рече дека ние претседававме во најтешката година за ОБСЕ, со оглед на тоа дека организацијата се соочи со голем број предизвици во светло на неоправданата војна и агресија која што Русија ја направи врз Украина.
-Ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на Северна Македонија, денес, ние му помагаме на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа. Се надевам дека ќе бидат потврдени одлуките за нов претседавач, избор на четирите најзначајни функции и позиции во ОБСЕ како и донесување на буџетот, рече Ковачевски и кажа дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
ОБСЕ повикува на одговорност
Шефот на македонската дипломатија, Османи, испрати, како што рече, порака на надеж дека нема да ја пропуштиме нашата средба со историјата, дека ќе одговориме на тежината на моментумот и дека ќе обезбедиме предвидлива и конструктивна индина за ОБСЕ. Зборувајќи за влијанието на руската воена агресија, Османи потенцираше дека покрај тоа што разорната сила на војната пред сè ги уништи животите на илјадници граѓани и суверената територија на Украина, а има и негативен ефект врз ОБСЕ и нејзината главна задача – да претставува платформа за дијалог која нуди решенија за безбедносните предизвици.
– ОБСЕ мора да продолжи да служи како активна платформа за одговорност во време кога тензиите и конфликтите се во пораст. Не треба да заборавиме дека ОБСЕ е ангажирана низ целиот регион и работи на решенија за потребите на луѓето. Ни беа доверени важни мандати за придржување до принципите и заложбите на ОБСЕ, истовремено справувајќи се со различни предизвици во Источна Европа, Југоисточна Европа и Централна Азија. ОБСЕ останува активна на сите нивоа во нашите општества, придонесувајќи за сеопфатна безбедност за сите, бидејќи нашите дела денеска се наследство за нашата иднината, истакна Османи.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, во обраќањето на Министерскиот состанок рече дека ОБСЕ ја издвојува способноста да поттикне регионални пристапи за заеднички предизвици. Шмид истакна дека оваа организација, заснована на принципи и заложби договорени од сите учесниците во Хелсинки пред речиси 50 години, не е наменета само да се однесува на одреден опсег на безбедносните предизвици, туку и да ги повика своите учесници на одговорност и дека е неопходна во безбедносна структура на светот.
На министерскиот состанок во Скопје се разговара за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува. Беше најавено дека ќе се одлучува за идниот претседавач на Организацијата, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки пред неколку дена во Виена беше постигнат консензус тоа да биде Малта. Како што беше најавено, на овој Министерски состанок се одлучува и за буџетот, како и за пополнување на клучните позиции во институциите на ОБСЕ. Беше најавено и потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација, како и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност. (В.С.Н.)