Првите луѓе на над 100 градови од целиот свет дебатираа и разменија мислења, искуства и добри практики

65

На тридневниот Глобален самит на градоначалници во Скопје чиј домаќин е градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, поздравни обраќања имаа претседателот на државата Стево Пендаровски, генералниот секретар на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Метју Мори и претседателот на Глобалниот парламент градоначалникотна Брага, Рикардо Рио.

Арсовска истакна дека е особена чест што Град Скопје е домаќин на повеќе од 200 гости и над 100 градоначалници и заменици градоначалници во рамки на годинешниот Самит на Глобалниот парламент на градоначалници, а активната вклученост на градоначалниците за унапредување на демократијата, човековите права и создавање на подобри услови за живот на нашите сограѓани е за највисока почит.

Во рамки на меѓународниот самит се организираа панел дискусии и билатерални средби на кои градоначалниците и меѓународните организации имаа можност да учат едни од други, да разменат мислења, искуства и добри практики. Во рамките на Самитот покрај панел дискусиите се организираа и придружни настани во кои акцентот е ставен на моќта на културата и уметноста, инклузивно и одржливо урбано планирање и моќни жени во раководењето со градовите. Културата игра важна улога во развојот на сите градови, а на самитот беше фокусот на меѓународната соработка и дискусиите, имајќи го предвид фактот дека Скопје е прогласен за „Европска престолнина на културата 2028 година“.

На Самитот, голем број градоначалници од САД, Африка, Далечниот Исток, Европа, заменици градоначалници, меѓународни експерти, претставници од меѓународни организации, имаа можност да дискутираат за моќта на ангажираните и хумани градови, за тоа како преку обезбедување на демократијата до развој за идните генерации.

Истовремено преку одржување на голем број работилници и билатерални состаноци самитот беше и одлична можност за размена на добри практики и позитивни искуства, од кои произлегуваат решенија и конкретни мерки, ориентирани кон заеднички акции за успешно справување со урбаните предизвици.

Глобалниот парламент на градоначалници преку вклученоста во Обединетите Нации, Конгресот на локални власти на Советот на Европа и многубројни меѓувладини институции, ги промовира и спроведува предлозите на градоначалниците, црпи искуства од успешно спроведените активности од градоначалниците низ светот, и гради политики со оглед тоа што градовите со својот придонес од над 85% во БДП имаат клучна улога на глобално ниво, а гордост е за Македонија што Скопје е нивен домаќин годинава.