Прва изложба во рамки на проектот „Интеретничко стрип училиште“

169

Проектот „Интеретничко стрип училиште“ на Стрип центарот на Македонија има за цел развој на интеркултурноста како и деметрополизацијата на културата во Македонија преку едукативни стрип активности наменети за млади од разни етнички и други средини.

„Поради новонастанатата ситуација предизвикана од ковид 19, проектот е видоизменет со тоа што млади автори од различна етничка припадност од: Велес, Скопје, Битола и Куманово онлајн ги доставија своите стрип дела, од кои повеќето се на тема актуелната корона ситуација. Истите ќе се објават во каталог, а ќе се организираат и пригодни изложби. Притоа, македонската стрип сцена е побогата за неколкумина млади автори од разни средини коишто треба да го најдат своето место во стрип сцената на нашата држава“, посочуваат од СЦМ.

Првата од планираните изложби ќе се одржи денес, 4 декември од 19 часот во Ликовниот салон во Велес, а наскоро слични изложби ќе се организираат во Скопје и Битола.

Проектот е финансиран од Министерството за култура како дел од програмата за интердисциплинарни дејности за 2020 година.