„Постфестивалски Валандовски“ –  новинарски впечатоци….Од лице место!

1076

Дајте песна – песната е нивниот живот, куфер од спомени!

(пишува: Дуле Миќиќ)

Фестивалите се секогаш идеално место на кое учесниците, а пред сè тука се мисли на пејачите, кои одлично се дружат и кога ќе се симнат од сцената, кога се зад сцената, зад рефлекторите. Покажувајќи на тој начин дека колегијалноста се уште постои и ако знае честопати да биде заборавена. Но за среќа постојат такви места, такви фестивали кои на колегијалноста внимаваат како на “капка вода на дланка“.

Последниот свеж пример е штотуку завршеното 36. издание на меѓународниот фестивал „Валандово фолк-фест 2023“. Покрај убавата песна која од фестивалската сцена се разлеа широко низ питомата медитеранско-валандовска рамница, помеѓу расцутените калинки, окото на фотоапаратот на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press забележа и други интересни моменти, некои од самата сцена, некои зад сцената.

И не само со пејачите, туку и со оние кои се на индиректен начин врзани за фестивалот.

Првиот човек на општината Валандово (организаторот на фестивалот), градоначалникот Перо Костадинов по успешно завршената Финална вечер прима најискрени честитки од (некогашната) голема македонска музичка ѕвезда Цветанка Ласкова, и самата поранешна учесничка, а оваа година една од членовите на стручното жири.

Додека, Перо и Цеце со право си честитаа, до тогаш кумановецот Нино Величковски се помачи да го научи текстот од песната „Песна беше мојот живот“, авторско дело на познатиот Огнен Неделковски.

Сепак, Нино е Нино, голем професионалец, кој и со смеа додека ја учеше песната, потоа без и една грешка текстот го испеа феноменално. На авторот Неделковски му овозможи да ја освои воедно и паричната фестивалската награда од 500 евра за најдобриот текст.

Овогодишниот фестивалски победник Мишко Крстевски својата радост после официјалниот дел на фестивалот ја сподели и со секогаш атрактивната водителка Ирена Спировска. И ако Мишко пееше за „Ема убава“, авторско дело на хитмејкерот Љупчо Трајковски-Фис, ние и сега тврдиме дека комотно можеше да пее и за Ирена – најубавата. Впрочем, како што водителката блескаше во прекрасниот (про)летен фустан од Елена Лука, така блисташе и со фризурата и шминката на кои и позавидеа голем број од пејачките.

Кога ќе се испишува историјата на овогодишниот валандовски фестивал секако дека ќе бидат запомнати и оние целовечерни концертни настапи на: „Куку леле“ (со Роберт и Панки), кои направија феноменална журка на Градскиот плоштад, српските музички ѕвезди Жељко Самарџиќ и Ана Бекута, нашиот мега-маестро на добрата забава Јоце Панов, но секако и  настапот на доајенот на македонската народна песна големиот  Ефто Пупиноски.                                                                                                          Тој ја освои публиката не само со тоа што има многу хитови од овој фестивал, туку секоја негова интерпретација претставуваше една мала музичка приказна. Со  својата „Туѓа си бескрајно“ или со италијанскиот евергрин, Ефто покажа и докажа  уште еднаш дека моќниот глас сè уште одлично го служи. И на далеку се слуша. И нека остане  така!

Единствената наша мала замерка е неговиот сценски стајлинг на кој ќе мора под итно да поработи. Сепак, сцената си го бара своето, а и публиката која сака  миленикот да го види во имиџот кој не би требало да биде како за вечерна прошетка!                      И тоа не би било сè.

Пожелно е овде да ги споменеме и оние не помалку важните фестивалски награди, бидејќи сите тие се закитија со по 500 евра. Наградата за најдобар дебитант ја освои Адријана Ацевска или во народот попозната како Адријана Кеш за песната „Проклет да си“. Најдобрата фестивалска интерпретација е онаа на Елена Андоновска која ја испеа песната „Ни седум неба, ни седум гори“, иако малку стегнато, веројатно поради тремата,  стручното жири заслужено ја награди. За најдобар аранжман беше прогласен оној од Дарко Илиевски за оваа истата песна, а додека најдобриот текст го напиша, веќе спомнатиот Огнен Неделковски.

И ако многумина останаа, што се вели „со празни раце“, тоа не мора да значи дека така и ќе биде до наредното фестивалско издание. Помеѓу двата фестивала секогаш испливуваат и оние ненаградени песни станувајќи хитови. Дозволете ни ние да типуваме на: „Можеби“ со Ивана Серафимовска, „Еј Ангелино“ со Ибуш Ибраимовски, „Неутешна“ со Јасмина Гуњова, „Букети од сомнежи“ со Анета и групата „Молика“, „Ти само бегај“ со Перо Христов, „Дајте песна некоја“ со Душко Георгиевски, „Дури плаче твојата гитара“ со Вукица Челебиева….а, секако и победничката „Ема убава“ (освои 1500 евра), со одличниот во пеењето на песната, Мишко Крстевски кој овој пат како да се надмина себеси!!!