Подгответе ги тенџерињата, нема веќе манџите да се прават навечер  

Од утре стартува дневната евтина тарифа на струјата, секој ден од 13 до 15 часот

527

Како што информираше Марко Бислимоски претседател на РКЕ,  со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие, од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. Евтината дневна тарифа на струјата ќе ја има секој ден во периодот од 13 до 15 часот, а најголем бенефит од воведување на оваа тарифа ќе имаат пензионерите и невработените. Експертите очекуваат сметките на граѓаните значително да се намалат

 

 

Стартува евтината дневна тарифа на струјата, од утре во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие, од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела.

За да се овозможи оваа поволност за граѓаните, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Македонија (РКЕ) донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај, со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година, во периодот од 13 часот до 15 часот.

– Со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклус во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Подзаконските акти што ги донесе РКЕ утврдуваат и нови рокови, според кои енергетските компании од следната година ќе треба да ги достават своите барања најдоцна до 30 септември, а одлуките за новите тарифи ќе бидат соопштени најдоцна до 30 ноември и истите ќе бидат на сила од следната година.

Според Бислимоски најголем бенефит од воведување на оваа тарифа ќе имаат пензионерите и невработените. Нивните сметки значително ќе се намалат.

-Од воведувањето на евтината дневна тарифа најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата, а освен тоа најредовно ги плаќаа сметките -вели Бислимоски.

Дневната евтина тарифа за домаќинствата поради енергетската криза и растот на цената на берзите беше укината и од јануари 2022 година граѓаните не можеа да ја користат. Во меѓувреме цената на електричната енергија се зголеми и се воведоаа четири блок тарифи.

Енергетските експерти посочуваат дека добро е што се воведува дневната евтина струја, бидејќи и берзанските податоци за струјата се многу пооптимистички во однос на она што се случувало овој период минатата година.

Дел од броилата треба да се штелуваат за да има евтина струја 

Евтина струја нема да имаат сите домаќинства тука само они чии броила се сетирани. ЕВН денеска ќе почне да ги сетира броилата. Граѓаните за да бидат сигурни  пред да ја користат дневната евтина тарифа треба да проверат дали им е извршено сетирање.

-Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се сетираат на самото место. На екранот на броилата се појавува ознака Т1 за висока тарифа и Т2 за ниска тарифа, што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот, објаснуваат од компанијата и дополнуваат дека корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15 часот, доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период.