„Повторно ценовен шок, а Бујар Османи се жали дека не може да преживее со 125.000 денари плата“

75

Владата не сакаше да го продолжи рокот за гарантираните цени за храната и за некои безалкохолни пијалаци, и од денеска цените во маркетите повторно ќе бидат повисоки и ќе удрат по џебот на граѓаните, кои едвај врзуваат крај со крај и го преживуваат месецот,  изјави вчера Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во услови кога потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство достигна речиси 60.000 денари, пари што ретко кој ги заработува, власта свесно ќе стимулира нов раст на цените за да го земе и последниот денар од граѓаните.

И додека цените растат и народот не знае како да го помине месецот, Ковачевски се фали дека ги зголемил платите, што е врв на глупоста, која е демантирана лично од неговиот министер Бујар Османи. Османи јавно се жали дека платата му е мала и доколку еден месец не земе плата, веќе следниот ќе мора да се задолжи, вели Митева и додава дека платата на Бујар Османи е над 125.000 денари, што е двапати повеќе од една потрошувачка кошничка за четиричлено семејство.

Оттука се поставува прашањето, доколку Бујар Османи не може да преживее со плата од 125.000 денари, како тогаш Ковачевски очекува граѓаните што земаат помала плата од Османи, а тоа се 99 % од луѓето во државата, да го поминат месецот. Што треба да кажат граѓаните што земаат 25.000 денари плата? Каде што само еден член од семејството работи или и оние со две плати од по 25.000 денари, кога нивните примања се под потрошувачката кошничка, изјави вчера Митева.