„Пикник на фронтот“ на Андреј Цветановски премиерно во Драмски

57

„Пикник на фронтот“ е наслов на најновата претстава работена според делото на Фернандо Арабал, а во режија на Андреј Цветановски, која премиерно ќе биде одиграна утревечер (28 ноември), во 20 часот, на сцената на Драмски театар –Скопје.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Соња Стамболџиоска.

Како што посочува режисерот Цветановски претставата е за луѓе, поточно едни „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но не им успева, бидејќи сè подлабоко и подлабоко влегуваат во неа.

„Војната е чудовиште кое голта сè пред себе, земји, градови, населби, квартови, згради, фамилии, луѓе… И не застанува пред ништо. Од тој момент сите амбиции, желби, соништа стануваат далечни и нормалниот живот како и да не постоел, само потребата да се преживее. Оваа претстава е за такви луѓе, на кои им е смачено да живеат по правилата на преживување, туку сакаат да си играат со животот и да се обидат од војната да направат своја игра која ќе им биде терапија“, посочува режисерот Цветановски.

Тој истакнува дека низ нивната приказна тие раскажуваат колку е војната страшна, и секогаш завршуваат во своите трауми од војната и настанот кој што ги одредил како луѓето кои се сега, или лушпи од тоа што биле порано.

„Низ борбата да се остане човечен и да се сонува ќе ја раскажеме приказната за тие сенки од луѓе кои сè уште се обидуваат да опстојат. Бидејќи деновиве додека се работат последните проби на оваа претстава, во Македонија се подготвува Самитот на ОБСЕ, би сакал да ги поканам сите државници од „цивилизираниот“ свет да ја погледнат претставата, можеби, само можеби, така ќе имаме помалку лушпи од луѓе заради неа, заради војната“, додава Цветановски.

Актерката Драгиќевиќ-Пројковска изрази надеж дека оваа претстава ќе ја пренесе пораката за мир и благосостојба.

Колку е самата претстава актуелна зборува и актерот Филип Трајковиќ. Тој вели дека конечно има лик кој што многу го поистоветува со она што се случува денес во светот генерално.

„Самиот лик во претставата се обидува да најде начин како да биде среќен во тешки и страшни моменти. Тоа е нешто што поголемиот дел од нас го живеат, бидејќи секој ден е борба за опстанок. Ако не почнеме да се смееме и радуваме па дури и во тешките моменти кои се случуваат во нас, нема начин како да продолжиме понатаму“, истакнува Трајковиќ.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Раде Василев, а изборот на музиката на Димитар Андоновски. (Д.Т.)