– Рекреативната патека е нова можност за жителите на Општината за дружење и за рекреација, се создаваат услови за развој на спортот, но и за локалниот развој, преку збогатување на понудата за домашните посетители и за посетителите од странство. Додадената вредност на овој проект е во тоа што е избран од граѓаните на Крива Паланка, во консултативен процес организиран од Општината – рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој, заедно со постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, имаше состанок со градоначалникот на Општината, Сашко Митовски.
– На задоволство на сите нас, а најмногу на граѓаните на Крива Паланка, се заокружува еден убав проект, кој е резултат на соработката меѓу Министерството за локална самоуправа, УНДП, швајцарската Влада и Општината. Двата проекта се финансирани со средства од Министерството за локална самоуправа и од швајцарската Влада. Нив ги спроведува УНДП. Со свои средства учествува и Општината, што покажува дека локалните власти се заинтересирани за развојот и за подобрување на квалитетот на живеење на своите граѓани – рече Пенов.
Според Пенов, Министерството за локална самоуправа ги поддржува проектите што имаат влијание на локалната демократија. Без локална демократија, нема локална самоуправа и обратно, без локална самоуправа – нема локална демократија.
– Министерството за локална самоуправа, во соработка со УНДП, учествува во реализацијата на слични проекти во 40 општини, за што за периодот од 2022 до 2026 година се обезбедени два милиона долари, со поддршка на швајцарската Влада. Овие процеси се заемно условени, а најважно од сè е граѓаните да ја препознаат корисноста од сопственото учество и да го валоризираат својот глас преку создавање партнерства со локалните власти и заедничко подобрување на условите за живеење во локалната заедница. Исто така, денеска имав можност да видам како е опремена салата на Советот на Општината. Преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, набавена е опрема за пренесување на седниците на Советот во живо. На овој начин се зголемуваат транспарентноста и отчетноста на локалните власти – истакна министерот.