Пендаровски упати апел до ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да ја намалат националистичката реторика

84
Фото:Фејбук
Она што вчера го видовме на митингот на ДУИ и одговорот што го чувме од главната опозициска партија мислам дека е реторика што не ѝ е потребна во Македонија, порача попладнево од Демир Хисар кандидатот за претседтел Стево Пендаровски.

 

Пендаровски упати апел до ДУИ и до Христијан Мицкоски да се воздржат од засилување на реториката на меѓунационална основа.

„Апелирам до двете страни, немојте два, дена три дена, пет дена пред изборите, да ја кревате реториката на меѓунационалната тема, затоа што таа е многу чувствителна, многу експлозивна, знаете дека имавме конлфикт во 2001, одвај се вративме, одвај се опоравивме и во принцип, не сакам која било политичка партија на темата на национализмот да добива изборен поен. Зошто? Затоа што што ќе правиме кога ќе завршат изборите? Што ако некој поттикнат од моите зборови или од реакцијата на моите зборови, направи некоја беља на национална основа? Знам дека во овој случај станува збор за луѓе кои се искусни, кои не се вчерашни, но сепак би апелирал, дајте со разум, да се вратиме на она што е најбитното за Македонија. Најбитно е економија и социјална политика и борбата против корупцијата. Мораме да го кренеме стандардот на граѓаните и немојте да ги креваме тензиите со муабети кој е поголем патриот од кого“, рече Пендаровски.

Пендаровски повика темата за тоа кој бил победник во конфликтот во 2001 година, конечно да се остави на страна.

„Оставете ги работите што било 2001 година. Овде сме сите во заедничка куќа, да живееме како една сложна фамилија и заеднички да си решиме проблемите. Во таа 2001 година немаше победник. Сите бевме губитници, а Македонија најголем“, истакна Пендаровски во Демир Хисар.