Пендаровски му ја отстапува „Вила Водно“ на Спасовски?!

Дали претседателот Стево Пендаровски ќе се трка за втор претседателски мандат, е прашањето што се постави откако актуелниот претседател денеска, утрото по прес-конференцијата на неговиот главен партиски противкандидат, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на која Спасовски објави дека е расчистено двојното убиство - на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, одговарајќи на новинарско прашање, дали планира да се кандидира за нов мандат, одговори негативно. Од Кабинетот на Пендаровски, пак, во коментар за весникот ВЕЧЕР велат дека нема промена на ставот на претседателот и дека сè зависи од поддршката на граѓаните и на партиите. Оттаму појаснуваат дека изјавата на Пендаровски, била дека тој во моментов не размислува за повторна кандидатура и дека има време кога ќе соопшти дали ќе оди на втор мандат. – Претседателот не размислува за втор мандат зашто е фокусиран на работата за која го плаќаат граѓаните, велат од Кабинетот на претседателот, на прашање на весникот ВЕЧЕР. Од СДСМ нема официјални потврди за тоа кој ќе биде кандидат за претседател на државата. Дел од имињата за кои се шпекулира во јавноста се екс-министерката за одбрана Радмила Шекеринска, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, објавија дека изборот на кандидат на партијата за претседател на државата ќе биде направен на 2 март идната година. Во изминатиот период, кандидатката од претходниот изборен циклус за претседател, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова се спомнуваше за повторна кандидатура. Според шпекулациите во јавноста, меѓу оние кои имаат поголеми шанси да учествуваат на претседателските избори се споменуваат и имињата на професорот Александар Спасеновски и кардиохирургот Сашко Кедев

11203

Дали претседателот Стево Пендаровски ќе се трка за втор претседателски мандат, е прашањето што се постави откако актуелниот претседател денеска, утрото по прес-конференцијата на неговиот главен партиски противкандидат, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на која Спасовски објави дека е расчистено двојното убиство – на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, одговарајќи на новинарско прашање, дали планира да се кандидира за нов мандат, одговори негативно. Од Кабинетот на Пендаровски, пак, во коментар за весникот ВЕЧЕР велат дека нема промена на ставот на претседателот и дека сè зависи од поддршката на граѓаните и на партиите. Оттаму појаснуваат дека изјавата на Пендаровски, била дека тој во моментов не размислува за повторна кандидатура и дека има време кога ќе соопшти дали ќе оди на втор мандат.

– Претседателот не размислува за втор мандат зашто е фокусиран на работата за која го плаќаат граѓаните, велат од Кабинетот на претседателот, на прашање на весникот ВЕЧЕР.

Претходно Пендаровски изјави дека е подготвен за втор мандат, но доколку, граѓаните и партиите од власта сметаат дека тој бил успешен во првиот мандат. Тогаш рече дека прво ќе ги праша граѓаните како ја оценуваат неговата работа.

Сепак, од штабовите на партиите досега нема конкретки имиња на кандидати кои ќе влезат во претседателската трка. Официјална потвра нема ниту од СДСМ чиј кандидат би бил актуелниот министер за внатрешни работи. Дел од имињата за кои се шпекулира во јавноста се екс-министерката за одбрана Радмила Шекеринска, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој изјави дека нема да одбие да биде консензуален претседател, но само доколку биде кандидиран како граѓанин, а не како Албанец.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера објавија дека е почната подготовката за избор на кандидат на партијата за претседател на државата, и изборот традиционално ќе биде направен на Изборната конвенција која што ќе се случи на 2 март идната година во Скопје.

Откако политичките лидери во понеделникот на лидерската средба во Собранието ги утврдија датумите за споени претседателски и парламентарни избори, 24 април и 8 мај, ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на Извршниот комитет, на која ИК донесе одлука за формирање на Републички изборен штаб кој ќе го предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а негова заменик ќе биде генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, изјави потпретседателот на партија, Александар Николоски.

Тој посочи дека и за избор за претседател и на парламентарните избори очекуваат историски голема победа по којашто, како што рече, ќе се случат промените во Македонија и ќе се стави крај на оваа корупција, како и тонење на економијата.

-Победата ќе биде силна и убедлива затоа што Македонија заслужува промени и состојбата никогаш не била потешка и подраматична за нашата држава. Имаме класично неспособна влада на ДУИ со подизведувач СДСМ, која осум години ја турка земјава во провалија. Сликата на власта се тендери во четири очи, неказнета и несанкционирана неспособност, криминал, црни листи, корупција од најниско до највисоко ниво. Урнисана економија, сиромаштија и инфлација. Ова е мака и за Македонците и за Албанците. И за Србите, Власите, Бошњаците, Ромите и сите луѓе во Македонија. Имаме банди кои управуваат со одлучувачките процеси и како што тие велат се рамо до рамо со највисоките функционери од владата. Имаме токсична атмосфера произведувана само од власта преку прокси истурени платеници кои имаат за цел создавање раздор во националното ткиво. Ова се дилемите и состојбите. Одговорот е народот, изјави Николоски.

Во изминатиот период, кандидатката од претходниот изборен циклус за претседател, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова се спомнуваше за повторна кандидатура за претседател, која не негираше, но во една пригода изјави дека не е сигурна и дека со лидерот на партијата Мицкоски не разговарале на оваа тема. Во октомври, Мицкоски изјави дека во партијата веќе се разгледуваат 22 кандидати кои се влезени во потесниот круг за претседател на државата. Според шпекулациите во јавноста, меѓу оние кои имаат поголеми шанси да учествуваат на претседателските избори се споменуваат и имињата на професорот Александар Спасеновски и кардиохирургот Сашко Кедев.

Од ВМРО-ДПМНЕ најмногу критики упатуваа на сметка на актуелниот претседател, Пендаровски, чиј рејтинг велат е на ниво на статистичка грешка и дека самиот е бледа појава, со уште побледи ставови. Позната е и изјавата на Мицкоски дека дури и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее, не може да добие повеќе од два гласа. Претседателот Пендаровски на оваа изјава одговори дека самиот Мицкоски има многу низок рејтинг и затоа е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личен рејтинг.

Иако партиите не откриваат детали, јасно е дека по утврдувањето на датумите за избори, политичарите интензивно работат на планови како нивната партија најдобро би котирала на изборите. Актуелна е и старо-новата идеја за консензуален претседател.

Досега, единствен кој официјално се промовираше како кандидат за иден претседател е професор д-р Вело Марковски, кој најави дека ќе се кандидира како независен кандидат за што ќе побара поддршка и потписи од 10.000 граѓани, кои согласно со законските прописи, ќе се собираат по распишувањето на изборите.

Градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новоформираната политичка партија ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, најави дека на следните избори ќе излезат со свој кандидат за претседател, покрај учеството со пратеничка листа на парламентарните избори и дека очекуваат сериозна поддршка од сите граѓани во државата. Но и оттаму не излегоа со конкретно име.

За да бидат успешни претседателските избори и на нив да биде избран нов шеф на државата, неопходно е да гласаат најмалку 40 отсто од запишаните гласачи во избирачкиот список. Дел од познавачите предупредуваат на неизвесност околу постигнување на цензусот на претседателските избори, како и на можен тивок бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ и на СДСМ. (В.С.Н.)