Пендаровски: Исходот од војната во Украина ќе влијае врз меѓународните односи во иднина

26

Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна вчера претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“, во организација на амбасадата на Украина.

Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.

– Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност во светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите, рече шефот на државата.

Поради ова, додаде Пендаровски, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна којашто Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој учествуваше на конференција,  акцент остави  на неговите заложби, како претседавач со ОБСЕ, за изнаоѓање практични решенија за помош на Владата и народот на Украина во надминување на тешките предизвици.

“Денес се собравме да го испочитуваме нивниот спомен и да ја увериме Украина дека ќе продолжиме со нашата поддршка и во иднина. Ќе продолжиме да стоиме на страната на Украинците и да им ја даваме поддршката што им е неопходна за одбрана и обнова на нивната земја. Северна Македонија ја поддржува Украина како на политички, така и на оперативен план, и ќе продолжи да ѝ дава поддршка се’ додека е потребно. Во оваа насока, би го споменал нашиот придонес во билатерални рамки, но и на меѓународно ниво”, истакна Османи.

Амбасадорката на САД во Македонија,  Анџела Агелер на конференцијата истакна дека по почетокот на војната украинските херои продолжуваат да се борат и оти нивната храброст и сила освоила мали и големи победи и покрај тоа што преживеа големи загуби. Украина, рече Агелер, ќе победи со сета наша помош, и за тоа нема алтернатива.

Заложбите, посочи американската амбасадорка, не може да бидат повисоки и се многу поголеми од границите на Украина.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир на конференцијата истакна дека Унијата е и ќе продолжи да биде еден од најголемите пријатели на украинскиот народ. Тој потсети дека 4,2 милиони украинци користат привремена заштита во земјите од ЕУ, на политичка поддршка што ја вклучува и историската одлука од минатиот декември да се отворат преговорите за прием во ЕУ, како и на огромната финансиска, техничка и хуманитарна помош, како и нашата воена поддршка заедно во износ од 90 милијарди евра.