„Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанeшлиева, во контекст на годинашната тема ‘Странци насекаде’, со наслов ‘Помеѓу надеж и страв’ / ‘Inter Spem et Metum’ се занимава со аспектот на странецот, на ‘другиот’, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот. Да нè има на светската културна мапа, еднакви меѓу останатите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува со учество на вакви манифестации како Биеналето“, изјави директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, по повод отворањето на македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале

„Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанeшлиева, во контекст на годинашната тема ‘Странци насекаде’, со наслов ‘Помеѓу надеж и страв’ / ‘Inter Spem et Metum’ се занимава со аспектот на странецот, на ‘другиот’, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот. Проектот го курираше Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија. Можам да кажам дека делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It’s Liquid, Art Review, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани“, изјави директорката на Националната галерија Дита Старова- Ќерими, по повод отворањето на македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале во објектот Скуола деи Ланери (Scuola dei Laneri). Овогодишното биенале го курира Антонио Педроса.

За Старова-Ќерими, комесар на националниот павилјон, синоќешното отворање било одлична можност за повеќе од три стотини лица кои постојано доаѓале во различни интервали, во периодот од 3 часа, предвиден за посета на самиот ден на отворањето. „Местоположбата и самиот концепт се доволна причина за очекување на бројна посетеност во наредните без малку осум месеци. Да нè има на светската културна мапа, еднакви меѓу останатите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува со учество на вакви манифестации како Биеналето“, додава Старова-Ќерими, заблагодарувајќи се на Министерство за култура што го поддржа проектот.

Кураторката Ана Франговска, пак, на отворањето на македонскиот павилјон истакна дека реализацијата на повеќеслојниот и трансмедијален проект на Славица Јанешлиева „Inter Spem et Metum“ во прекрасната зграда на Scuola dei Laneri претставувал едно прекрасно заедничко патување.

Инаку, трансмедијалниот и транснаративен проект ‘Inter Spem et Metum’ на Славица Јанешлиева, претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад. Преку мултидимензионални, медиумски платформи и материјали, како што се пердуви, лед-неонски знаци, проекции, огледала, Јанешлиева нè лансира во неколку концептуално-наративни матрици, каде што нè поттикнува да се соочиме со чувството да се биде странец, она кое е присутно насекаде: во себе, во тебе, во нив, во нас… Имено, таа нè предизвикува со прифаќање или неприфаќање на различните етикети од познатите и обичните на масите; опфаќајќи ги разликите врз основа на пол, сексуална ориентација, изглед, однесување, став, болест, националност, религија, јазик, политичка ориентација…

„Вознемиреноста и неизвесноста на нашата денешна реалност е апче тешко за голтање; сепак мора да се соочиме со сегашната криза на масовна миграција и продорното чувство за ‘другост’ насекаде околу нас и во нас. Но, само преку отворени врати и дијалози можеме да ги ублажиме вознемиреноста предизвикани од хиперилузорните и лошо замислените стравови на странецот. Иако не е јасно дали некогаш можеме целосно да ја искорениме вознемиреноста што ни тропа на вратата, ‘Intet Spem et Metum’ го обезбедува метафоричниот клуч потребен за да се задржат вратите (дијалошки, физички или на друг начин) отворени за сите слоеви на човештвото за да можат да стапнат, над прагот, колку и да звучи утописки“, ќе истакне Франговска.

Македонскиот павилјон на годинешното Венециско биенале за пошироката публика е отворен секој ден, освен понеделник, и може да се посети од 11 до 19 часот. (Н.И.Т.)

Фото: Роберт Јанкулоски