Општините потрошиле над 400 илјади евра за новогодишно украсување

108

За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е за 40 отсто помалку од лани.

Најголем трошаџија, според податоците на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), бил Град Скопје чиј договор за новогодишно украсување и годинава е најголем и изнесува 243.886 евра.

– Вкупниот износ на договорите за украсување на главниот град од Град Скопје и овие три општини изнесува 298 илјади евра, што е 75 насто од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава – се вели во извештајот на ЦГК.

Освен градските власти кои и покрај пандемијата со коронавирусот, одлучија сепак да ги израдуваат скопјани со предновогодишна атмосфера, трошоци за украсување имале и само уште три други општини: Карпош, Гази Баба и Аеродром.

Останатите општини одлучија парите за новогодишно украсување да ги пренаменат или, пак, воопшто не планираа пари за таа намена.

Инаку, освен Град Скопје чиј договор за новогодишно украсување и годинава е најголем, според висината на вредноста на договорите следат скопски Аеродром, потоа општините Радовиш, Охрид и Гази Баба.

– Сите општини кои имале тендери за украсување и во претходната година, за пречекот на 2021 година потрошиле помалку пари отколку лани, освен Општина Битола која за пречекот на годинава ги зголемила овие трошоци за 26 насто – покажаа податоците на ЦГК.

Од украсување на улиците за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната 2020-та година. Четиринаесет општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а три општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за украсување за новата 2021 година.

– Конкуренцијата на тендерите за новогодишно украсување била исклучително ниска. На овие тендери просечно имало по 1,8 понуда, а на половина од тендерите имало само по една понуда – констатираат од Центарот за граѓански комуникации.

И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување за Нова година добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел. Линк Медиа Плус има склучено три договори, со Град Скопје, Градски трговски центар и Општина Аеродром во вредност од 284 илјади евра, додека Метал-Вет-Ел има склучено 5 договори во вкупна вредност од 75 илјади евра.

Новогодишните празници вообичаено носат уште еден трошок покрај украсувањето – за новогодишни детски пакетчиња. Па, така, 56 институции купиле новогодишни пакетчиња во вкупна вредност од 63 илјада евра.

– Тендери за купување пакетчиња за новата 2021 година имале 14 институции, додека други 42 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавни набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – вредносен праг под кој не важи Законот за јавни набавки. Сепак, и некои од институциите што спровеле тендер набавиле пакетчиња за помалку од илјада евра, но решиле тоа да го направат со примена на Законот за јавни набавки поради поголема транспарентност – велат од ЦГК.

Како и да е, вкупната сума пари потрошени за оваа намена изнесува 62.950 евра. Најмногу пакетчиња, 3.120 купила Општина Прилеп, иако со ниска поединечна цена. Најскапи пакетчиња од 1.249 денари купила Општина Новаци.

– Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 42 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер. Некои институции купиле по неколку вида пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Град Скопје по цена од 954 денари, Општина Куманово со цена од 885 денари, Општина Аеродром каде се купени за 829 денари и Министерството за одбрана по цена од 809 денари – се наведува во извештајот.