Општина Карпош ќе добие овластен просветен инспектор

135

Општина Карпош ќе добие просветен инспектор кој ќе врши инспекциски работи и надзор од областа на просветната и образовната дејност во основните училишта во оваа скопска општина.

– Овластеното лице ќе има обврска да врши инспекциски надзор над спроведување на постапката за основање и престанок со работа на воспитно-образовните установи кои се основани од општината, а ќе врши и надзор над исполнување на условите за работа на  воспитно-образовните установи основани од локалната самоуправа. Инспекторот ќе има овластување да врши надзор над процесот на запишување на основците во училиште, како и над запазување на опфатот на учениците, согласно со реонизацијата на основните училишта – соопштија од Општина Карпош.

Оттаму, додаваат дека тој ќе врши инспекциски надзор и над спроведување на превозот, исхраната и сместувањето на основците во училиштата, како и над исполнување на условите за избор на наставници и стручни соработници во основните училишта. Просветниот инспектор според описот на работните задачи ќе врши надзор и над спроведување на постапката за формирање на училишните органи во воспитно-образовните установи, а ќе биде овластен да врши и инспекциски надзор над средствата кои основните училишта ги стекнале од сопствени извори.

Освен оваа одлука, на последната седница советниците на Карпош ја изгласаа и Одлуката за одобрување на финансиски средства во висина од 250.000 денари, за поправка и санација на постоечки лифт во станбена зграда на улица „Никола Русински“ број 10/2. Со истата динамика се изгласани и предлозите за измена и дополнување на Програмите на Општина Карпош, од областа на екологијата и енергетската ефикасност, како и Програмата од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2023 година.

Поддршка од Советот добија и четири точки од технички карактер, меѓу кои влегуваат и предлог-одлуките за усвојување на техничка исправка на урбанистички план за градежна парцела 4.4.5 од ДУП МЗ Влае 1, дел Б,  за градежна парцела 1.13 од ДУП МЗ Влае 1, населби Маврово и Водовод, за градежна парцела 5.1.16 од ДУП (измена и дополна) за населба Влае 1, дел Б, како и за градежна парцела 3.6.10 од ДУП (измена и дополна) за населба Влае 1, дел Б.

„Зелено светло“ од Советот на Општина Карпош добија и двете предлог – решенија за верификација на членови на училишниот одбор, на ООУ „Вера Циривири Трена“ и ООУ „Димо Хаџи Димов“.