Од Општина Гази Баба велат дека ваков оглас ќе биде распишан и во наредниот период.- Како што се решаваат имотноправните спорови, така општината парцелите ги објавува на јавен оглас, потенцираат од Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, има намера да ја продолжи практиката на неговите претходници во „Хиподром 2“ да никне елитна населба со куќи и згради. За таа цел, денеска е објавен јаван оглас за продажба на неизградено државно земјиште. Станува збор за 12 парцели од кои 10 се наменети за изградба на семејни куќи и се со површина од 270 до 617 квадратни метри, додека две поголеми парцели се од 2.115 и 2.154 квадратни метри врз кои ќе се изградат станбени згради, а кои се наоѓаат во новата населба Хиподром 2.
Од Општина Гази Баба велат дека ваков оглас ќе биде распишан и во наредниот период.
– Како што се решаваат имотноправните спорови, така општината парцелите ги објавува на јавен оглас – потенцираат од Општина Гази Баба.
Парцелите ќе се продаваат по пат на електронско наддавање, а почетната цена за наддавањето за парцелите за семејни куќи е 1 евро за квадратен метар, додека за парцелите на кои треба да се градат згради е 2.340 денари за квадратен метар.
Според условите на огласот, право на учество во јавното наддавање имаат физички лица, државјани на Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на ЕУ и ОЕЦД, а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Македонија.
Исто така, право на учество во јавното наддавање имаат и правни лица: домашно правно лице, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер, странски правни лица резиденти на држави членки на ЕУ и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на ЕУ и ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Македонија.
Пријавите за учество на електронското јавно наддавање за градежните парцели треба да се достават до полноќ на 4.7.2023 година, а јавното наддавање ќе се одржи три дена подоцна.
(А.П.)