Повторно се актуализира темата со масовни прислушувања на граѓани. Дали Министерството за внатрешни работи издало одобрение за ултра скандалозна набавка на систем преку кој се овозможува следење на сите комуникации преку кој било телефонски уред или оператор? Ова прашање пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на собраниска седница за поставување пратенички прашања му го упати на министерот Оливер Спасовски. Спасовски возврати, барајќи да не ги плашат граѓаните, и порача дека „заврши времето кога бате Саше имаше пристап до секој мејл во државата. За јавноста, како што рече, Спасовски, следењето во овој момент е само врз основа на судски наредби и ништо повеќе, за оние за кои имаат индиции дека учествуваат во кривични дела и дека за нив се добива судска наредба и се следат.
Уште на почетокот на седницата, на која на дневен ред беа пратенички прашања, јасно беше дека расправата во македонскиот парламент нема да помине без тензии и тешки зборови.
Јанушев рече дека има информации дека станува збор за незаконска набавка со која се овозможува да се следи целокупниот мобилен сообраќај на сите што имаат интернет, и дека тоа е систем кој е набавен пред една година и веќе се користи.
Министерот Оливер Спасовски изјави дека доколку Јанушев зборува за набавка на систем што во надлежност на Агенцијата ОТА тоа е набавка за која има документација испратена до надлежните комисии и дека станува збор за класифицирана информација.
– За сите прашања кои сте ги поставиле до МВР испратен е писмен одговор и за едното и за второто. Сето друго е класифициран податок. Тоа не е моја набавка, за да се прават вакви набавки има надлежни институции, тоа не е набавка на МВР. Единствено нешто што е целосна шпекулација и лага е тоа дека некој може да ги следи сите, следењето за сите беше до 2017 година кога следевте 20 и кусур илјади луѓе, кога милион и кусур разговори завршија во јавност, кажа Спасовски.