Од Општина Центар тврдат: Имаме пари, само треба да се спроведе планот!

148

Најверојатно, нема да се гради нова монтажна гаража во Капиштец во скоро време, затоа што навлегува во планираниот кружен тек на раскрсницата кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, тврдат од Шанса за Центар. Тие додаваат дека затоа и се кратат парите планирани за гаражата.

– Општина Центар да го имаше објавено јавно проектот и да го имаше доставено до советниците, можеби, порано ќе се видеше овој ризик и ќе можеше соодветно да се планираат и парите и проектот. Но, ниту има јавна објава, ниту советниците може да утврдат што е можно да се направи кога гласаат за проекти – образложуваат од Шанса за Центар.

Оттаму предлагаат доколку останат неискористени овие пари за гаражата, кои за годинава изнесуваат 850 илјади евра, постепено да се пренаменат за завршување на листата планирани зафати во училиштата.

– Долга e листата за која се планирани само 100 илјади евра или по околу 12 илјади евра за училиште, што, секако, е недоволно и лошо планирано – потенцираат од Шанса за Центар и наведуваат дека монтажната гаража во Капиштец, според проценката на Општината, требало да чини над 1,5 милиони евра.

Од Општина Центар, пак, велат дека тие се немаат откажано од изградбата на монтажен паркинг во Капиштец, како што е утврдено во развојната програма на Општина Центар 2024-2026 година и како што е предвидено во планот за јавни набавки за 2024 година. Предвидени се 93,4 милиони денари за монтажната гаража, која ќе биде со 250 паркинг-места.

– Со оглед на тоа дека Советот на Општина Центар и градоначалникот немаат спроведено измени на овој план, планираната изведба е сè уште наш приоритет – велат од локалната самоуправа.

Монтажната гаража зад ТЦ „Буњаковец“ има околу 100 паркинг-места, што не е доволно за да се задоволат потребите на граѓаните, кои имаат потреба да паркираат на оваа фреквентна локација, на која се наоѓаат пазарче, училишта, градинки, ординации и др.

– Соочени со ваков акутен проблем, поради кој се создава хаос во сообраќајот, постојано сме во потрага по долгорочно решение и стратегија, но засега правиме само анализи – децидни се од локалната самоуправа.

Вo развојната програма на Општина Центар за 2024 година се предвидени средства за оправданоста на еден ваков проект.

– Допрва треба да се направи и елаборат за заштита на животната средина. Не се планира никакво јавно партнерство, ниту објекти за деловна намена во катната гаража. Проектот би требало да биде изведен со поддршка од ЕУ-фондовите – заклучуваат од Општина Центар.

(А.П.)