Македонската одбојкарска репрезентација со луда победа го стартуваше Европското првенство во Скопје, откако во СЦ „Борис Трајковски“ славеше со пресврт против Данска со 3-1 во сетови.
ФОТО: Петр Стојановски
Нашата селекција не го отвори натпреварот онака како што посакуваше и го загуби првиот сет со 22:25, но одигра брилијантно во преостанатиот дел од мечот. Прво возврати со иста мера и го доби вториот сет со идентични 25:22, а потоа дојде до водство откако додаде на гас и го доби третиот сет со 25:19. Во последниот, четврти сет, двете селекции играа поен за поен, се до 22:22, кога популарните „Спартанци“ запишаа три поени во низа за голема победа пред полната сала.
Македонските одбојкари својот втор меч на овој европски шампионат го играат в сабота против Црна Гора во 20 часот, исто така во СЦ „Борис Трајковски“.