Номинациите го зголемија интересот за „Медена земја“ во кината: Сите сакаат да ја видат пораката на Атиџе

307

„Македонскиот документарец ‘Медена земја’ овој месец повторно се прикажува во киното ‘Милениум’, и од 9 јануари до сега, или за вкупно 6 дена се продадени 1.438 влезници“, велат од ова скопско кино

Историскиот успех што „Медена земја“ го постигна откако доби две номинации за престижната награда „Оскар“, во категориите за документарни и интернационални остварувања, што првпат му се случува на македонски филм, очекувано ја зголеми неговата гледаност во киното „Милениум“ и во Кинотеката каде што од неодамна повторно се прикажува. Документарецот, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, ја носи пораката на пчеларката Атиџе да се живее во баланс со природата, да се зема колку ни е потребно. Тој е брутално реален, емотивен, кој погодува до коска, бидејќи го прикажува животот, егзистенцијата, несебичната љубов кон родителот-создателот, свеста и разбирањето на природните процеси, љубовта кон природата, а со тоа и љубовта кон човештвото… Да се почитува Земјата и сите суштества која таа ги створила и да се делат ресурсите подеднакво на сите – со толку едноставна, но моќна еколошка порака, филмот „Медена земја“ очекувано постигна успех и стигна до двете номинации за Оскар.

Од Младинскиот културен центар, под чија капа е киното „Милениум“, за весникот ВЕЧЕР потврдија дека има зголемена посетеност од страна на македонската публика, која сака да го види филмот. „’Медена земја’ овој месец повторно се прикажува, и од 9 јануари до сега, или за вкупно 6 дена се продадени 1.438 влезници“, велат од „Милениум“. Од таму потсетија дека кога филмот се прикажуваше минатата година од 21 септември до 31 октомври, за период од месец и половина биле продадени 3.169 влезници, што укажува дека добиените номинации за Оскар влијаат на желбата и интересот поголем број на публика да го види „Медена земја“. Иако, претходно беше најавено дека во киното „Милениум“ македонскиот документарец за пчеларката Атиџе ќе се прикажува до 15 јануари, од киното потврдуваат дека тој со своите проекции од 20 часот ќе продолжи да се прикажува до крајот на јануари, а ако има интерес и до 9 февруари (до одржувањето на Свеченото доделување на 92. Оскари), па дури и потоа. Во „Медена земја“ публиката може да ужива и во Кинотека до 18 јануари, со проекции од 18 и 20 часот. Како што ни истакнаа од таму и таму е зголемена посетеноста на филмот, односно распродадени се сите проекции. Филмот може да се види и во „Синеплекс“.
Инаку, во Младинскиот културен центар, поточно во киното „Фросина“, на 9 февруари од 23 часот закажан е и настанот „Оскари во МКЦ“ со организирано групно гледање на 92. Свечено доделување на престижната филмска награда со пренос на церемонијата во живо од театарот „Долби“ во Холивуд. (Н.И.Т.)