Закажано е продолжение на вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија откако немаше услови да се одржи седницата на 25 ноември, поради немање кворум за работа. Четирите кандидатури за избор на управни тела на ДПМ остануваат важечки, односно кандидати за претседател на ДПМ се Блаже Миневски и Мирче Нешовски, а за претседател на Собранието на ДПМ ќе се борат Иван Антоновски и Стефан Марковски

За 27 јануари 2024 години е закажано продолжението на вонредното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија откако немаше услови да се одржи седницата на 25 ноември, поради немање кворум за работа. Од канцеларијата на ДПМ посочија дека откако се констатирал бројот на присутните членови, било заклучено дека од вкупно 286 члена на ДПМ, биле присутни 73, а за кворум за работа на седницата биле потребни 96 члена. Како што објавија на 26 ноември оттаму, четирите кандидатури за избор на управни тела остануваат важечки и за продолжението на седницата, односно кандидати за претседател на ДПМ се Блаже Миневски и Мирче Нешовски, а за претседател на Собранието на ДПМ ќе се борат Иван Антоновски и Стефан Марковски.

Со реакција до медиумите на денот на вонредното изборно собрание се јавија членови на ДПМ што биле присутни во текот на дискусијата на 25 ноември. Тие обвинуваат дека претседателката на Собранието на ДПМ во заминување, Кристина Николовска и претседателот на ДПМ во оставка, Христо Петрески, извршиле обид за целосно уништување на македонската писателска асоцијација формирана во 1947 година од Конески, Шопов, Јаневски, Митрев, Чашуле, Иљоски, Крле, Малески и Точко.

„Ударот врз ДПМ беше подготвуван изминатиот период од претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, со тоа што: и покрај барањето на членови за увид и прочистување на избирачкиот список, таа не го овозможи тоа и во списокот останаа починати лица; оневозможи членовите на ДПМ што живеат надвор од земјата да гласаат на вонредното изборно собрание, без да прифати и да понуди решение нивното очекувано отсуство да не влијае на кворумот на седницата; ги демотивираше членовите на ДПМ што живеат надвор од Скопје да дојдат на вонредното изборно собрание со тоа што не одговори на нивните прашања за намирување на патните трошоци; повеќе од половина од членството на ДПМ, според јавно објавениот список на веб-страницата на ДПМ, што не користи електронска пошта, воопшто не беше информирано за одржувањето на вонредното изборно собрание и покрај обврската на претседателот на Собранието преку други начини на комуникација да ги информира и да им ги достави материјалите за седницата“, се вели во соопштението од членовите на ДПМ од каде посочуваат и дека на седницата не биле повикани ни медиумите.

Продолжуваат превирањата меѓу членовите на ДПМ

Воедно, членовите на ДПМ посочуваат и дека претседателот во оставка, Христо Петрески, ја напуштил салата петнаесет минути пред констатирање на бројот на присутни членови, а претседателката на Собранието на ДПМ во заминување, Кристина Николовска, не овозможила дискусија и предлози од присутните, ги напуштила просториите на ДПМ без ни малку почит кон македонскиот писател и кон македонската книжевност; а домот на македонските писатели го оставила на техничко лице повикано од нејзина страна, без некакви службени овластувања и без пишан правен документ да биде гарант за сето културно наследство во просториите на ДПМ. Присутните членови на вонредното изборно собрание продолжиле со дискусија и донеле повеќе заклучоци.

Тие бараат од Николовска итно да пристапи кон организација на продолжение на седницата на Собранието на 27 јануари 2024 година; итно да пристапи кон прочистување на списокот на ДПМ од починати членови и да овозможи јавен увид во списокот; а според практиката што е применувана на претходните изборни собранија, а имајќи го предвид и оневозможувањето од нејзина страна онлајн да гласаат членовите на ДПМ што живеат надвор земјата, тие да бидат изземени од избирачкиот список поради утврдување на кворумот. Членовите на ДПМ напоменуваат дека членовите што не живеат во земјата биле изземени од избирачкиот список на сите претходни изборни собранија, вклучително и при изборот на Николовска и Петрески во 2022 година, а не биле изземени само сега. Притоа членовите на ДПМ бараат, како што велат, лицата што веќе го имаат загубено легитимитетот од членството и немаат поднесено никаков извештај за својата работа од стапувањето на функциите наваму – Кристина Николовска и Христо Петрески, веќе воопшто да не преземаат финансиски и правни дејства во ДПМ.

„Ја известуваме јавноста дека од овој момент до продолжението на вонредното изборно собрание, ДПМ не може да презема активности, што, веројатно, беше и цел на Николовска и на Петрески, поради обид за уништување на ДПМ. Од овој момент натаму, секое соопштение испратено од официјалната адреса на ДПМ зад кое стојат Петрески и Николовска, освен соопштение во врска со продолжението на вонредното изборно собрание, се смета за нелегитимно. Николовска и Петрески не им мислат добро на ДПМ, на македонската книжевност, на македонската култура и на македонската држава“, додаваат во соопштението членовите на ДПМ.

Соопштение во врска со седницата на вонредното изборно собрание на ДПМ на официјалната фејсбук-страница на писателската асоцијација објавија и од канцеларијата на ДПМ за, како што велат, да одговорат на прашањата и јавните клевети.

„Во изминатиот период, ДПМ активно и заедно работеше на ажурирање и прочистување на списокот на членови на ДПМ, во што беа вклучени членовите на асоцијацијата. Десет дена пред закажаната седница за 25.11.2023. списокот, како конечен, беше објавен јавно на веб-страницата на ДПМ. Во него беа внесени сите најнови промени, а беа деевидентирани починатите членови на ДПМ. Во врска со можноста за онлајн гласање на вонредното изборно собрание закажано за 25.11.2023 година, канцеларијата се водеше од постојните статутарни одредби во кои јасно е пропишано дека на избори се гласа само со физичко присуство. Дури и во време на ковид- пандемијата се гласаше со физичко присуство. Откако се констатира дека нема кворум на седницата на 25 ноември 2023, на самата седница еден од кандидите побара да бидат изземени од списокот членовите на ДПМ што живеат во странство. Таква можност Статутот не дозволува. Такви ингеренции за менување на Статутот немаме“, велат во соопштението од канцеларијата на ДПМ.

Во врска со информација за тоа дали ќе се намират патните трошоци за членовите што живеат надвор од Скопје, оттаму истакнуваат дека Христо Петрески, претседател во оставка, како официјален потписник на сметката на ДПМ, преку и-мејл и преку ТВ-медиум, навреме ги известил членовите дека патните трошоци ќе бидат намирени.

„На седницата на 25.11.2023 имаше и список за евиденција на членови што не се од Скопје, со цел таа евиденција да послужи за натамошно регулирање на патните трошоци. Сите членови: преку мејл, преку веб-страницата, преку ФБ и преку медиумите континуирано беа известувани за одржување на вонредното изборно собрание, а апел за масовност беше даден во јавноста и ден пред изборите. Сите материјали за седницата беа навремено испратени по мејл. Од првата јавна објава за одржување вонредно изборно собрание, медиумите континуирано беа известувани, а канцеларијата на ДПМ секогаш е отворена за медиумите“, одговараат од канцеларијата на ДПМ.

Оттаму посочуваат и дека на почетокот од седницата на вонредното изборно собрание на 25.11.2023 било апелирано сите уредно да се потпишат на списокот за присуство и да не се напушта салата со цел да се работи на седницата и да се обезбеди кворум.

Од канцеларијата на ДПМ додаваат и дека изразуваат резерва околу намената на списокот на членови што се потпишале во просториите на ДПМ на 25.11.2023 година.

„Изразуваме резерва околу намената на списокот, по официјалната констатација дека нема кворум за работа на седницата на вонредното изборно собрание, бидејќи голем број од потпишаните членови на ДПМ известуваат дека се потпишале за друга цел, а не со цел да бидат инволвирани во клевети и јавни навреди кон никого“, завршуваат од канцеларијата на ДПМ. (Н.И.Т.) (Фото: П.Стојановски)