Нов повик за финансиска поддршка за нови авиолинии

52

Министерството за транспорт и врски денеска објави нов јавен повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за период 2023 – 2025 година.

Неговата објава следува по поништувањето на претходниот тендер за таа намена откако Комисијата за евалуација на понудите што ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ констатирала дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација.

-Јавниот повик е отворен, транспарентен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат следниве критериуми: да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на Европската Унија согласно прописите за издавање на уверение за работа на авиопревозници, да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година, да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година и да достават изјава заверена на нотар, дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира и број на седишта понудени на продажба

Во однос на износот на финансиската поддршка, таа ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународен аеродром Скопје и 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 31 месецов до 12:00 часот, во архивата на Министерството за транспорт и врски.

Јавното отворање на барањата за финансиска поддршка ќе се одржи 3 април годинава  во 12:00 часот.

За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии. На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер”.