Нова книга: „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски

335

„Архангел – Ослободување на ѕверот“ е насловот на утопискиот научно-фантастичен роман на младиот автор Даниел Бибовски, кој неодамна излезе од печат, во издание на „Арс Ламина – публикации“. Илустрацијата на корицата е на Оливер Коларевски.

„Овој дебитантски роман на Бибовски ја раскажува приказната на тинејџерот Адам Деи, кој освен со пубертетот принуден е да се соочи и со комплицираната состојба во која живее – тектонското придвижување на целата цивилизација. По завршувањето на најразорната војна во историјата, човековата цивилизација одлучува да го реорганизира светот. Најголемото достигнување на здружениот труд е тест-населбата Архангел 2009, сместена на Антарктикот. Таму се вселуваат врвните умови од сите области: инженери, биолози, лекари, физичари, филозофи, па дури и уметници и за многу брзо време проблемите како глобално затоплување, загадување, глад, недостаток на вода за пиење драстично се намалуваат. И додека се чини дека планетата доживува преродба од секаков аспект, човековите слабости, како што се алчноста и потребата за надмоќ, сè уште демнат зад аголот како најголема опасност“, ќе истакне издавачот кон книгата.