EPA-EFE/LARRY W. SMITH

Ако пред неколку години се споменуваше како најголем талент во НБА-лигата, сега неговиот статус е далеку под нивото. Плејмејкерот на Чикаго булс, Лонзо Бол (25), би можел да ја заврши кариерата поради сериозна повреда на коленото. Во неговиот клуб се исплашени, бидејќи ниту една од трите операции не му помогна. Последната ја имаше во март, кога му беше направена трансплантација на ‘рскавицата (менискусот), а потоа беше јасно дека сигурно нема да игра во преостанатиот дел од сезоната, како и во поголемиот дел од следната. Но, сега, американските медиуми ја пласираа информацијата дека тој, најверојатно, ќе ја пропушти целата наредна сезона.

  • „Биковите“ почнуваат да размислуваат за најпесимистичкото сценарио, според кое никогаш повеќе нема да може да сметаат на плејмејкерот – пишуваат некои американски медиуми.

Новинарот Ден Бернштајн, кој е добро запознаен со ситуацијата во клубот, објави дека постои страв во Булс, бидејќи Лонзо не може да трча или да скока без болка, иако со месеци закрепнува. Овој проблем се префрли и во неговото секојдневие, па има проблем да се качува и да се спушта по скали. Постариот брат на плејмејкерот на Шарлот, Ламело Бол, дефинитивно не напредува според очекувањата.

  • Тој не напредува добро – вели познатиот новинар.

Лонзо пристигна во НБА летото 2017 година, како втор пик на НБА-драфтот, по големата врева што ја направи неговиот татко Лавар. Тој играше за Лејкерс до 2019 година, кога беше разменет во Њу Орлеанс како дел од договорот што го одведе Ентони Дејвис во Лос Анџелес, а во Чикаго булс пристигна во 2021 година. Но, за жал, последниот натпревар за него го одигра во јануари 2022 година.

Речиси година и пол подоцна, Лонзо ја заврши втората година од договорот вреден 80 милиони долари, одигрувајќи само 35 натпревари за Булс.