Николоски од Стразбур: Бугарија не ги почитува јазичните и културните права на Македонците

36

Мислам дека ова е многу важна дебата што ја имаме вечерва. Оваа дебата ќе го постави патот на Советот на Европа за периодот што следи. И затоа јас мислам како што е јасно напишано и тука дека солидарноста и издржливоста на европските демократии, почитувањето на човековите права, почитување на владеењето на правото се најдобри гаранции за меѓусебниот просперитет, безбедноста и сигурна иднина, истакна Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник и претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

„Исто така, треба да го реафирмираме единството околу заедничките вредности на оваа организација каде што сме членки, како и мултилатерализмот заснован на меѓународното право. Треба да поставиме напредна агенда на Советот на Европа ставајќи го интересот на народот на прво место.

Дами и господа,

Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа. Тоа е место каде што стотици илјади европски граѓани бараат правда. Мора да разговараме и мора да поставиме цврста агенда која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите-членки да ги спроведат одлуките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Бидејќи многу често се донесуваат пресуди- одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права и земјите членки истите не ги спроведуваат.

Можам да споделам еден пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија. Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат!

Овие пресуди, овие одлуки се поврзани со правото на самоидентификација, со правото на собирање и здружување, со правото на учество на избори, со правото на учење на мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата.

Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци.

Ова е нешто што не треба да се толерира и нешто што е лош пример во 21 век. Тоа е лош пример и за Советот на Европа, бидејќи луѓето дојдоа овде, дојдоа во Стразбур, беа во Европскиот суд за човекови права, бараа правда, тие ја добија правдата, но таа не се спроведува во нивната држава.

Затоа мора да се создаде ефикасен механизам за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права и да се дискутира на самитот во Рејкјавик“, наведе Николоски.