Златан Ибрахимовиќ играше во четири различни децении, досега има објавено две автобиографски книги, а, секако, би можел да објави уште толку за да ги опише сите негативни и позитивни работи што ги има доживеано во кариерата.
Тој е син на Шефик и Јурка и е роден во Шведска. Немал лесно детство поради презимето, но и поради својот карактер.
Тој, едноставно, не бил прифатен од Швеѓаните додека растел во озлогласениот кварт Розенгард во Малме, едвај врзувајќи крај со крај поради сиромаштијата.
Излезот го нашол во фудбалот. Во меѓувреме, тој ги закачи копачките и имаше навистина одлична кариера. Сепак, почетокот му бил исклучително тежок.
Во една своја исповед, популарниот Ибра откри детали како се борел со скриениот расизам во Шведска.
– Што прават шведските медиуми? Дали ме бранат или ме напаѓаат? Уште ме напаѓаат, не можат да прифатат дека сум Ибрахимовиќ. Доколку друг шведски играч ги направи истите работи како мене, ќе го бранат, но мене не ме бранат. Но, тоа е во ред за мене. Тоа ме прави посилен. Станува збор за расизам. Не велам дека има расизам, но има прикриен расизам. Јас не сум Андерсон или Свенсон, ако бев, верувајте дека ќе ме бранеа и да ограбев банка. Не ме бранат како што треба. Веројатно, јас сум најдобриот фудбалер во историјата на Шведска, тоа што го направив – не може никој друг. Имав инцидент на тренинг. Играчот почна агресивно да се однесува кон мене и го удрив со глава бидејќи бев лут.
Неговиот татко беше полицаец, кој му испрати писмо на клубот дека треба да ме избркаат и тие ги поделија документите на сите во тимот. Не знаев ништо. Тие им велеа: „Потпишете го ова за да го избркаат Златан од клубот“. Поинаков сум. Моето лице е поинакво. Не сум со светла кожа. Не ми беше лесно како на другите. Чувствував дека морам да бидам десет пати подобар за да ме забележат сите – заврши Ибрахимовиќ.
Кариерата на Златан траеше повеќе од две децении. Започна во Малме, во 1999 година, а потоа играше за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, ПСЖ, Манчестер јунајтед, ЛА галакси и сето тоа заврши во 2023 година, во Милано. Моментално е вработен како консултант во Милан.