Во текот на ноќта избија насилни судири во повеќе градови низ Шпанија меѓу полицијата и демонстрантите против новите ограничувања воведени во врска со пандемијата на коронавирус, соопштија денеска шпанските медиуми.
Немири избувнаа во Барселона, Билбао, Бургос, Сантандер, Валенсија и Леон. Според извештаите во медиумите, 29 полицајци и седум демонстранти биле повредени, а 32 лица биле уапсени.
Во многу случаи, се чини дека насилството го поттикнале екстремно десничарски групи поврзани со фудбалски клубови, според полицијата.
Дневниот весник „Ла Вангардија“ и државната телевизија РТВЕ објавија дека стотици луѓе се бореле со полицајците во Барселона до доцна во ноќта. Тие фрлале тули кон полицајците, запалиле канти за отпадоци и ограбиле неколку продавници. Уапсени се 12 лица.
За насилството полицијата ги обвини членовите на навивачкиот клуб Боиксос Ноис (Crazy Boys) на фудбалскиот клуб Барселона.
Слични инциденти се случија и во други градови.
Шпанија, која е силно погодена од епидемијата на коронавирус, воведе серија рестриктивни мерки, меѓу кои и полициски час, за време на кој граѓаните не смеат да излезат од своите домови. Училиштата и градинките се се уште отворени, но рестораните, театрите, кината и фитнес центрите мора да затворат.
Извор:МИА