Поранешниот осми тенисер во светот Аргентинецот Диего Шварцман, не успева да се врати во посакуваната форма. Аргентинецот, кој во кариерата освои четири титули на АТП, не ги забележа очекуваните резултати во последната година и тоа е причината за падот на листата. Диего неодамна беше поразен на стартот на турнирот во Акапулко од Миомир Кечмановиќ.
Моментално е на 117. место во светот, но како што игра, има мали шанси наскоро да се врати на своите поранешни позиции. Сезонава нема победа во главниот ждреб, а во пет последователни натпреварувања загуби на првиот настап на теренот. Шварцман, кој има 31 година, во подкаст призна дека сериозно размислува да стави крај на кариерата.
„Има денови кога се чувствувам дека ништо не правам како што треба, а потоа има денови кога си велам дека денес е мојот ден и одам во битка. После тоа што ќе се случи оваа година, дали е добро или лошо, знам дека немам многу гориво во резервоарот. Сепак, победите го прават тоа малку подолго. Победите секогаш носат нешто различно на вашето тело, додека поразите ве чинат повеќе, тоа е болен процес што ве истрошува“, призна Шварцман.