Неготинските лозари протестираа за повисоки цени за откупеното грозје

543

Лозарите од Неготино излегоа на предупредувачки протест поради неиспочитуваниот договор со винарниците и Министерството за земјоделство за производствената цена на грозјето. Велат дека цената е иста како лани иако имало договорено начелна цена за „вранец“ и „смедеревка“.

Поради ова, велат тие, 26 илјади лозари во Македонија работат со загуба.

Организаторите на протестот велат дека ова е само предупредување и очекуваат да им бидат понудени подобри услови за откуп на годинашниов род. Најавуваат дека протестите ќе продолжат и се надеваат дека ќе наидат на разбирање и дека првично објавените цени ќе се коригираат, рекоа организаторите на протестот.

Лозарите појаснуваат дека најголем дел од винарниците повторно манипулирале и со тоа што нуделе помалку пари за килограм грозје, доколку исплатата ја извршат веднаш по откупот.

-Со години наназад се соочуваме со винарска мафија. Најголем дел од винарските визби манипулираат кога се во прашање откупот, цените, шеќерноста, мерењето на килограмите, плаќањето. Редно е да се стави крај на сите овие лозарски маки и конечно лозарите и винарите со посредство на надлежните служби да работат во интерес на двете страни и промоција на македонското грозје и вино, вели Стефан Стојчев, млад лозар од кавадаречкото село Сопот.