Невработеноста се топи, но во Македонија нема веќе ниту работници

Невработеноста се топи, но во Македонија нема веќе ниту работници. Според последните статистички податоци. стапката на невработеност во првиот квартал е намалена на 12,9 отсто. Економските експерти коментираат дека треба да се спречи одливот на работна сила и да се види колкав дел од тие што се невработени работат на црно. Бројот на невработени во Македонија за една година 2023 во однос на 2022 паднал за повеќе од 12,5 илјади. За истиот период и бројот на вработени паднал за повеќе од 3,7 илјади лица. За една година, повеќе од 16 илјади лица недостасуваат во двете евиденции заедно

2500

Невработеноста се топи, но во Македонија нема веќе ниту работници. Според последните статистички податоци стапката на невработеност во првиот квартал е намалена на 12,9 отсто. Економските експерти коментираат дека треба да се спречи одливот на работна сила и да се види колкав дел од тие што се невработени работат на црно. Бројот на невработени во Македонија за една година 2023 во однос на 2022 паднал за повеќе од 12,5 илјади. За истиот период и бројот на вработени паднал за повеќе од 3,7 илјади лица. За една година, повеќе од 16 илјади лица недостасуваат во двете евиденции заедно.

-За една година бројките и на невработените и на вработените во земјава бележат вкупно намалување за повеќе од 16 илјади лица. Работната сила се намалува и државата мора да преземе мерки за спречување на натамошниот – не одлив, туку егзодус, на пиша на својот „Фејсбук“ даночниот експерт и познавач на состојбите во македонската економија, Павле Гацов.

Според него, „парадоксот“ е во егзодусот на кадрите, одлив е веќе слаб збор.

-Потребни се политики за задржување на работниците особено на младите и професионалците и особено политики за вклучување во регуларната економија на непријавените сива/црна економија и конечно политика на враќање на кадрите кои заминале за ова не е доволно само зголемувањето на платите…, пишува Гацов.

И од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека стапката на невработеност не е реална, бидејќи голем дел од граѓаните работат на црно и земаат социјална помош. Тие не сакаат да бидат пријавени за да не им престане социјалната помош.

-Имаме технички проблем невработените кои нема да се пријават во одреден рок во Агенцијата за вработување системски се бришат. Потоа немаат право да се пријават како активни баратели на работа. Еден дел работат на црно, а друг дел си заминаа од државата, а голем дел од работниците особено од угостителството и градежништвото се на сезонска работа во странство, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски од ССМ.

Според него, треба да се лоцира проблемот и да се види кој работат на црно, кој се водат како вработени, а не се во државата, а кои намерно не сакаат да бидат пријавени за да користат други бенифиции.

И според универзитетскиот професор, Абил Бауш една од главните причини за намалувањето на невработеноста е масовното иселување на работоспособното население во потрага по повисоки плати и подобри услови за живот во странство. Овој феномен предизвикува недостиг на квалификувана работна сила во државата, што негативно влијае на економскиот раст и развој.

-Работниците се најважниот ресурс за секоја економија, а нивното отсуство ја отежнува можноста за одржлив развој и напредок. Приватниот сектор и јавните институции треба да се ангажираат во креирање на стратегии за задржување на талентите и привлекување на нови инвеститори. Тоа вклучува подобрување на работните услови, понуда на конкурентни плати и обезбедување на професионален развој и обука. Република Македонија мора итно да преземе мерки за спречување на одливот на мозоци и работници, и да вложи во создавање на стабилна и просперитетна економска средина која ќе биде привлечна и за младите и за искусните професионалци. Само така ќе можеме да обезбедиме долгорочен и одржлив економски раст, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бауш.

Аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР вели дека немањето на работници посебно високо квалификувани е одлика на погрешните политики на владите и сега ги гледаме резултатите.

-Сега џабе е што невработеноста е на ниско ниво, кога се нема квалитетен кадар и кога нема всушност кој да работи. Луѓето веќе сега нема да се вратат во Македонија макар и добиле повисоки плати, веќе квалитетот на животот е пресуден фактор, загаден воздух, лоша инфраструктура, политизација, лош здравствен систем…. Допрва ни следи уште поголем шок, заради тоа што бранот на иселување се зголемува и одливот на студенти во странство само го засилува тоа темпо, додава Пекевски.

Според објавените податоци како активно население се евидентирани 788.909 лица, од кои 687.351 се вработени, додека 101.558 се невработени. Споредено со лани, стапката на невработеност е нешто под 13 проценти.

(А.С.)