На текстилците им се лизгаат од раце и работниците и нарачките

Работата е тешка, а слабо платена, па младите се ориентираат кон други струки, а оние кои се обучиле во домашните фабрики за малку повисока плата бегаат во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони, кои работат со текстил. Не помалку алармантна причина за падот на вработеноста за 5,6 проценти е и тоа што младите кои би можеле лебот да го вадат зад машините за шиење заминуваат во странство, каде што не пребираат работа, бидејќи во секој случај се многу подобро платени. Според неофицијални податоци просечната старост на вработените во текстилот е околу 45 години.

317

Текстилната индустрија се бори за опстанок на македонското тло. Нарачки од странските партнери има сè помалку, но и за таа работа што ја имаат, текстилните фабрики тешко наоѓаат работници.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија и претседател на Здружението за текстилна индустрија при Стопанската комора, предупредува дека последнава година проблемот со намалување на бројот на вработени во овој сектор станува алармантен, бидејќи падот на вработеноста изнесува големи 5,6 проценти. Статистичките податоци покажуваат дека сега во текстилната индустрија се ангажирани околу 35.000 лица.

Сопственици на текстилни фабрики велат дека поради ова малите претпријатија , кои ги има претежно во источниот регион во последно време масовно се затвораат, а опстануваат оние кои имаат традиционални странски партнери. Познавачите на состојбите во текстилната индустрија набројуваат три причини за осипување на работната сила. Од една страна, работата е тешка, а слабо платена, па младите се ориентираат кон други струки. Од друга страна, оние кои се обучиле во домашните фабрики за малку повисока плата бегаат во фабриките на странските инвеститори во индустриските зони, кои работат со текстил. Не помалку алармантна причина е и тоа што младите кои би можеле лебот да го вадат зад машините за шиење заминуваат во странство, каде што не пребираат работа, бидејќи во секој случај се многу подобро платени. Според неофицијални податоци вработените во текстилната индустрија во моментов имаат многу неповолна старосна структура. Нивната просечна старост е околу 45 години.

Според Димитров, проблемот со падот на нарачките е изразен откако пред две години се зголеми минималната плата, која за сите вработени во државата сега изнесува 12.000 денари, што во однос на претходното ниво во текстилната индустрија е зголемување за околу 4.000 денари.

-Странските компании сега производството го селат на Далечниот исток. Работењето во Бангладеш, Пакистан, Индија… сега им е поевтино, зашто таму и работната сила е помалку платена отколку кај нас, вели Димитров.

Тој посочува дека шанса за понатамошна соработка со странските нарачатели имаат само текстилните фабрики кои го автоматизирале производството и со тоа ја зголемиле продуктивноста на трудот. Но такви се малку и тоа главно го постигнале со државни субвенции.

-Државата покрива 10 проценти од инвестицијата. И тоа е нешто, коментира Димитров.

Во текстилната индустрија во нашата држава генерално се работи според лон, односно се прават доработки. На лон отпаѓа над 99 проценти од производството, па токму затоа оваа индустрија е зависна од нарачките од странство.

Оваа индустриска гранка во нашата држава има долга традиција и е една од најстарите. Првите фабрики кои произведувале волнени производи биле отворени во 80-тите години на 19-ти век во битолските села Дихово, Магарево и Трново. Фабриката во Дихово основана во 1883 година со 15.000 турски лири, што се сметало за огромна инвестиција, поради што се здружиле неколку акционери, била една од најголемите текстилни фабрики во тој дел на Отоманската империја. Правела модерни производи кои се продавале во Битола, Солун, Измир, Драч… Во столетието што следи текстилната индустрија се развива, создава сопствени познати модни брендови, за сега, како што проценуваат некои  сопственици на фабрики, да ја живее својата последна деценија.

(С.В)