Во Киев се евакуираат две цивилни болници поради стравувања од руски напади

134

Украинскиот главен град Киев денеска евакуираше две цивилни болници, откако шефот на белоруската служба за безбедност изјави дека во нив се сместени војници, што предизвика страв од воздушен напад. Градската управа на Киев соопшти дека видеото кое кружи на интернет, а кое не го идентификуваше, содржи закана за напад на два објекти, вклучително и детска болница, под лажна претпоставка дека таму се стационирани војници.

„Ова е апсолутна лага и провокација на непријателот, со која тој се обидува да ја нападне социјалната инфраструктура на главниот град“, напиша управата на Телеграм. Иван Тертел, шефот на белоруската КГБ, даде адреси на две болници во Киев каде, како што рече, борците „се криеле зад грбот на децата“.

„Ги префрламе пациентите и персоналот во други болници“

„Сите тие ќе ги сносат последиците, иако ги избраа болниците во Киев за свои дувла“, рече тој во говорот што го пренесе државната новинска агенција Белта. Белоруските трупи не учествуваат во војната во Украина, но Минск е близок сојузник на Москва.

Руските сили ја користеа белоруската територија како база за нивната инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Градските власти на Киев соопштија дека ги префрлаат пациентите и персоналот од двете болници во други медицински установи.

Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека денеска посетил две болници. „Правиме се за да ги заштитиме децата, нивните родители, возрасните пациенти и персоналот од евентуален напад на овие медицински установи, најавен од агресорот“, рече Кличко.

Од февруари 2022 година, Русија редовно ја напаѓа Украина со воздушни напади со долг дострел. Москва негира дека целта била цивили, но многу цивили се убиени во воздушни напади.