На граѓаните им требаат стабилна економија и повисоки плати, а не ситни пари од Владата!

Поголем дел од експертите ги критикуваат мерките и сметаат дека се популистички и дека, во суштина, значат поткуп на гласачите пред избори, односно краткотрајно решение, кое не ги решава вистинските проблеми во државата. Експертите сметаат дека парите што ги вети Владата за помош на граѓаните и на стопанството, можело да се потрошат за инвестиции во железницата, здравството, образованието... односно за подобрување на целокупната економска ситуација во државата. Економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека овие мерки се крајно популистички, односно се само предизборно ветување и немаат никаков друг ефект. Универзитетскиот професор Јован Пејковски смета дека пакетот антикризни мерки на Владата е предизборен маркетинг

1102

Објавениот пакет антикризни мерки на Владата предизвика низа реакции од економските експерти, кои, генерално, ги окарактеризираа како предизборен маркетинг. Поголем дел од експертите ги критикуваат мерките и сметаат дека се популистички и дека, во суштина, значат поткуп на гласачите пред избори, односно краткотрајно решение, кое не ги решава вистинските проблеми во државата. Експертите сметаат дека парите што ги вети Владата за помош на граѓаните и на стопанството, можело да се потрошат за инвестиции во железницата, здравството, образованието… односно за подобрување на целокупната економска ситуација во државата.

– Пакетот антикризни мерки на Владата е предизборен маркетинг. Мерките се задоцнети, затоа што граѓаните речиси една година бараат помош. Пензионерите, административците, студентите… одамна се чувствуваат финансиски загрозени поради инфлацијата. Инфлацијата им го уништи стандардот на граѓаните. Овие мерки не може да ги компензираат последиците од инфлацијата. Овој пакет мерки не е системски, не е траен, туку се работи за ад хок мерки пред избори, кои нема да ја подобрат економската ситуација во државата. Владата не ги компарира овие мерки со обемот на загубите од инфлацијата – изјави за весникот ВЕЧЕР Јован Пејковски, универзитетски професор.

Според него, овие мерки ќе имаат многу скромно влијание во ублажувањето на стандардот на граѓаните во услови на зголемени цени на храната за 200 отсто.

– Подобро Владата да ги потрошеше овие пари за инвестиции во железницата, здравството, образованието… односно за подобрување на целокупната економска ситуација во државата отколку да ги дава како финансиска помош на граѓаните, што не може да се сфати поинаку освен како предизборен маркетинг. Од друга страна, интересен е фактот што токму предлагачот, односно Владата, го акцентира тоа дека не се работи за предизборни мерки, што само по себе фрла сомнеж дека тоа не е така – смета Пејковски.

Економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека овие мерки се крајно популистички, односно се само предизборно ветување и дека немаат никаков друг ефект.

– Мерките се класичен популизам и оттргнување на вниманието од сите неуспеси на Владата, вклучително и ветувањето за намалување на функционерките плати. И овие мерки не може да го смират револтот кај граѓаните, поради тоа што тие си ги покачија платите за 500 до 1.000 евра, а на граѓаните само по 3.000 денари. Зголемувањето на данокот на прехранбените производи од 5 на 10 отсто во услови на инфлација е доказ за неуспешните политики на Владата. На крајот, цехот од погрешните и неуспешни политики на Владата го плаќаат граѓаните – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

И другите експерти го делат истиот став – дека тоа што власта излезе со најголемиот антикризен пакет во услови кога е најмал ударот на кризата, а изборите се на повидок, јасно покажува дека истите се наменети за поткуп на гласачите.

– За поздравување е што, сепак, има антикризни мерки за граѓаните, но погрешен е моментот. Мерките што се наменети за ранливите граѓани, на кои навистина им се потребни, ќе го намалат социјалниот немир, но нема да имаат некое позначајно влијание врз економијата. Од економски аспект, овие мерки се неодржливи, бидејќи не продуцираат економски раст, развој… Не ми е јасно зашто да се даваат пари од буџетот за да се помогне на одредена категорија граѓани кога веќе имаме на располагање пари од европските фондови – ИПА, ИПАРД… кои секоја година остануваат неискористени – изјави професорот Абил Бауш за весникот ВЕЧЕР.

Бауш смета дека на сите им е јасно за што се наменети мерките. Особено кога ќе ги видиме категориите граѓани кон кои е наменета помошта, не може, а да не дојдеме до заклучок дека тоа се граѓани што ќе гласаат на следните избори.

– Со тоа што Владата само им дава ситни пари за превоз на студентите, не им ги подобрува условите за студирање и не им го подига стандардот на студентите. Нема друго толкување на мерките освен тоа дека се краткотрајни, кои само моментално ќе ја смират ситуацијата и не го решаваат проблемот во суштина – смета Бауш.

На компаниите им треба стабилна економска клима и услови за развој, а не поволни кредити 

Што се однесува до помошта за компаниите, Владата објави дека повторно ќе го субвенционира зголемувањето на платите во приватниот сектор, како антикризна мерка, но овој пат опсегот на субвенционирање ќе биде за зголемувања од 3.000 до 10.000 денари за работниците од страна на работодавците.

За зголемениот износ, како што појаснија од Владата, се плаќа само данок на личен доход, а се ослободува за тој дел од плаќање на придонесите.

Оваа мерка, за експертите, е далеку од решение на вистинските проблеми во стопанството, кои, според нив, Владата не ги гледа или не сака да ги види.

– Ова се само поволни кредити, а не помош за компаниите. Најголема помош за компаниите е креирање стабилна економија и стабилни услови за работа. Исто така, голема помош за бизнисот е и стабилен судски систем во кој должниците ќе си ги плаќаат обврските, а не како досега, да имаме владини миленичиња што не плаќаат даноци и други давачки кон државата – смета економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

За професорот Абил Бауш, мерките за помош на компаниите немаат никаква логика. Тој смета дека најдобро е да им создадеме на приватните компании услови за поголема конкурентност, а не да им даваме директна помош.

– Има многу нејаснотии околу мерките што се наменети за компаниите. Од една страна, им ја зголемуваат минималната плата, а, од друга страна, им плаќаат придонеси на тие работници што ќе примаат минимална плата во тие компании. Ова нема никаква логика – смета Бауш.

И универзитетскиот професор Јован Пејковски смета дека помошта што им се дава на приватните компании не е доволна, особено ако се има предвид економската ситуација во земјата и во регионот.

– Треба да се обрне повеќе внимание на приватниот сектор, односно да им се даде поголема финансиска помош поради нарушените економски текови, кои сериозно се одразија врз бизнисот – смета Пејковски.

За ВМРО-ДПМНЕ, пакетот мерки на Владата не е ништо друго туку поткуп пред избори

И за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пакетот антикризни мерки не е ништо друго туку пакет за евтин предизборен поткуп што доаѓа на само неколку месеци пред двојните парламентарни и претседателски избори.

– Овој пакет мерки не е за системска помош на најранливите категории граѓани, туку за очигледен евтин поткуп на гласови. Со овој пакет мерки не се носат системски мерки кои значително ќе ја подобрат положбата на пензионерите, социјално загрозените и на семејствата со ниски примања, туку се врши еднократен поткуп на гласови, со пари со кои оваа Влада ги задолжува сите граѓани. Го зголемија долгот за да поткупуваат гласови – сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата сметаат дека со овој пакет мерки Владата и официјално признава дека владее огромна сиромаштија, дека пензионерите и голем број семејства се доведени до работ на егзистенцијата.

– Суштината и главната поента е што Владата троши 2 милијарди евра за градба на коридори преку фирми на ДУИ и СДС, троши тешки милиони евра за копање во РЕК „Битола“ и компаниите и бизнисите на власта работат одлично, а за народот даваат по 500 и 1.000 денари за да помогнат. Тој поткуп, кој оваа власт го вика помош од 500 и 1.000 денари, не вреди ништо кога инфлацијата е двоцифрена, кога сите производи за мала потрошувачка по продавниците вртоглаво растат, кога храната е поскапена за 200 отсто и затоа оваа власт го потценува народот со овој поткуп – соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

(А.С.)