Почна сезоната на летни одмори, а врз одлуката на граѓаните каде ќе одат на одмор ова лето најмногу влијаат цените. Од туристичките агенции кои ги контактиравме информираат дека македонските граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, каде седумдневен аранжман ќе ги чини од 150 до 160 евра по лице, додека пак најскапиот аранжман е 700 евра по лице во хотел со пет ѕвездички во Египет

 

И покрај тоа што цените на летните аранжмани во Грција значително пораснаа, сепак таа и понатаму е најевтина дестинација за одмор. Од туристичките агенции велат дека во овој период има навала од резервации, а освен за Грција има интерес и за Албанија, Црна Гора, Хрватска, Турција Египет и Кипар. Од агенциите информираат дека македонските граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, каде седумдневен аранжман ќе ги чини од 150 до 160 евра по лице, додека пак најскапиот аранжман е 700 евра по лице во хотел со пет ѕвездички во Египет.

Поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени. Од агенциите велат дека мошне добро одат и оние во сезона, а во чартер понудите на туристичките агенции од оваа лето освен Турција, Египет и Тунис е и Кипар.

Велат дека цените на аранжманите ова лето се повисоки од лани, но тоа не значи дека интересот е намален.

-Цените на авионските билети се многу поскапени, а тоа ја крева цената на аранжманите. Во Грција цените во хотелите се поскапени за 20 до 30 отсто, додека пак цените на приватното сместување се помалку зголемени за околу 10 отсто. Исто така има зголемување на цените на чартерите кои се поскапи за 20 до 20 отсто што зависи од периодот, местото на патување од категоризацијата на хотелот…, вели за весникот ВЕЧЕР, Маја Димитровска, сопственик на една туристичка агенција.

Според неа, граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, каде седумдневен аранжман во приватно сместување ќе ги чини од 150 до 160 евра по лице, додека пак најскапиот аранжман е 700 евра по лице во хотел со пет ѕвездички во Египет.

-Од 365 дена секој може да си дозволи да отиде на одмор една недела, а најевтините понуди се за партманско сместување во Грција каде што цените за 7 ноќи по лице се движат од 150 па нагоре. Најскапо е хотелското сместување, а моментално најскапата понуда, која ја имамем е 700 евра по лице во хотел, со 5 ѕвездички во Египет, појаснува Димитровска и додава дека аранжманите за претсезона се веќе распродадени, односно веќе нема место за Турција и за апртманско сместување во Грција.

И другите туристичките агенции што ги контактиравме велат дека поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона се веќе распродадени, а се продадени и над 50 отсто од оние во сезона. Граѓаните за да ги искористат попустите за ран букинг кој се движат и до 50 отсто многу порано и го резервираат својот летен одмор.

-Најголем интерес има за апартманско сместување во Грција. Со попусти започнавме уште во ноември и голем дел од граѓаните ги искористија попустите за ран букинг кој изнесуваа и до 50 отсто, велат од една туристичка агенција.

Според понудите на агенциите апартманско сместување од 7 ноќи во Неи Пори и во Олимпик Бич и Лептокарија во јуни чини меѓу 130 и 180 евра за човек. Додека,  пак, на првиот крак во Пефкохори и Ханиоти, цените се нешто повисоки и се движат до 250 евра по човек за 7 ноќевања, а слични се и цените за третиот крак односно за Неос Мармарас, Торони, Сарти…

Од подалечните дестинации, на Крф преку агенција може да се оди 7 дена, со платен превоз (без траект) од 130 до 150 евра во јуни за еден човек. На Лефкада, седумдневните аранжмани со превоз се од 160 до 230 евра.

Што се однесува до Тунис и Египет, кои се едни од омилените подалечни дестинации за Македонците, цените се малку „посолени“. Така шестдневен престој за двајца во јуни чини 1.000 евра со вклучен авионски превоз, трансфери и хотелско сместување на база ол инклузив, додека во Египет ќе ја платат истата цена само за чартер и сместување.

(А.С.)