Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, на 2 март, ќе се прикаже во Висконсин, во рамки на Интернационалниот фестивал „Ноќ на стравот“ (A Night Of Horror), којшто од оваа година е со седиште во САД. Второто долгометражно остварување на Тозија, месецов се прикажа и на Интернационалниот филмски фестивал на научна фантастика во Бостон, во кино-комплексот „Сомервил“

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија го продолжува прикажувањето на северноамериканскиот континент, овој пат во официјална конкуренција на два филмски фестивала.

Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, на 2 март, ќе се прикаже во Висконсин, во рамки на Интернационалниот фестивал „Ноќ на стравот“ (A Night Of Horror), којшто од оваа година е со седиште во САД.

Фестивалот, основан од Дин Бертрам, има за цел да открива филмски остварувања со дистописка, фантастична и хорор тематика од меѓународната кинематографија, а претходно се одржувал во Сиднеј, Австралија. Во своето 16-годишно постоење, фестивалот промовирал режисерски имиња и креативци како Мајк Фланаган (Absentia, Oculus, Fall of house Usher), Грег Никотеро (Walking Dead, Mist), Адриан Гарсија Боглијано (Late Phases, Black Circle) и многу други.

Второто долгометражно остварување на Тозија, месецов (14 февруари) се прикажа и на Интернационалниот филмски фестивал на научна фантастика во Бостон, во кино-комплексот „Сомервил“.

Интернационалниот фестивал на научна фантастика во Бостон е оформен далечната 1976 година што го прави втор најстар жанровски филмски фестивал во САД. Во иницијалните години на неговото постоењето во киното „Орсон Велс“ премиерно се прикажувани култни остварувања како „Денот кога земјата застана“, „Војна на световите“, или првото издание на дотогаш сè уште непознатиот „Војна на ѕвездите“. Денес, фестивалот се одржува во кино-комплексот „Сомервил“, и пред американската публика прикажува и промовира ограничен број жанровски филмови од американската и интернационалната филмска продукција.

Да потсетиме, „М“ лани во декември, во САД, ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“. „Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт“, беше официјалното образложение на фестивалот.

– Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинашното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух – изјави тогаш Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата. На овој фестивал, македонскиот филм ја имаше американската премиера.

Вардан Тозија со наградата од „Dances with films“

Филмот ја следи приказната на осумгодишниот Марко, кој живее во својата шума заштитен од својот посесивен татко, не знаејќи за опасностите што демнат надвор од границите на тој свет опустошен од смртоносна пандемија. Осамен и заглавен во овој затворен и „маѓепсан круг“, тој наеднаш открива едно момче со Даунов синдром по име Мико, кое живее на работ од шумата. Мислата дека не знае што се случило со неговата мајка и сознанието дека неговиот татко ја убива мајката на Мико, го тераат Марко, заедно со својот нов пријател, да избега од шумата. Но, дали светот надвор од шумата е подобар, поубав, поправеден и дали има надеж Марко да ја пронајде својата мајка, својата самовила? И дали е тој различен, поспецифичен од другите? Соочен со новата неверојатна и сурова реалност во која се наоѓа, откако татко му е нападнат од зомби, Марко ја почнува својата потрага по невозможното…

Вардан Тозија сценариото го пишува заедно со Даријан Пејовски, а продуцентската палка ја дели со Дарко Попов. Филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.

Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот копродуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија)…

Македонска премира филмот имаше минатата година во јули на отворањето на 22. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.  (Н.И.Т.)