Австралискиот ММА-борец Тим Шулц се соочува со сериозни здравствени проблеми поради кои би можел да остане без едната нога, а сето тоа поради стравична инфекција.
Пред нешто повеќе од два месеца, Тим Шулц го победи Мајкл Станоф на Битдаун промоушс 3 и во тој момент никој не помисли дека тоа, можеби, ќе му биде последната борба во кариерата. Освен тоа, можеби, никогаш повеќе нема да може да застане на свои нозе.
Пред неколку недели, Шулц замина за Тајланд за да тренира во еден од врвните клубови Пукет. На еден тренинг, за жал, се заразил со стафилокока.
- Се случува да имате модринки на тренинг, но кога се врати дома, имаше силни болки во потколеницата. Отиде на лекар и доби инјекција кортизон. Сепак, степенот на инфекцијата беше погрешно дијагностициран. Следниот ден, обидувајќи се да стане од кревет, падна на земја и итно беше однесен во болница. Неговото стапало и мускулот на потколеницата беа отечени – изјави пријателот на Шулц, Метју Јунг Ли-Манвар, за „Дејли меил“.
Првата доза антибиотици не вродила со плод, па му било кажано дека мора да му ја ампутираат ногата за да се спречи ширењето на инфекцијата. Тој веднаш бил префрлен во друга болница, каде што лежи седум дена, чекајќи ја одлуката.
- Инфекцијата предизвика многу да ми опадне крвниот притисок, што е непосредна закана за мојот живот. Сметките поврзани со оваа несреќа финансиски ме исцрпија и не можам да си ја дозволам потребната нега – објасни Шулц.
Организирано е онлајн собирање средства за борецот, кој се обидува да се врати во Австралија. Досега се собрани 40.000 австралиски долари (околу 24.000 евра), додека за да се постигне целта, потребни се уште најмалку 60.000 евра.