Можен ли е траен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас?

38

Примирјето меѓу Израел и Хамас влезе во шестиот ден, а подоцна денеска се очекува уште една размена на израелски заложници за палестински затвореници, додека меѓународните посредници се обидуваат да посредуваат за траен прекин на огнот.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека добил список со имињата на киднапираните Израелци кои Хамас има намера да ги објави денеска.

Тоа ќе биде шеста група заложници ослободени како дел од привременото примирје.

Секој ден од петокот, Хамас ослободуваше по десет жени и деца киднапирани во нападите врз јужен Израел на 7 октомври, а Израел пак ослободуваше три пати повеќе палестински затвореници, жени и малолетни мажи.

Дванаесет заложници (десет Израелци, Тајланѓанец и Филипинка) и 30 палестински затвореници беа ослободени синоќа.

Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Катар, со поддршка на САД и Египет, дозволи досега ослободување на 60 израелски заложници и 180 палестински затвореници.

Надвор од договорот, 21 странски заложник, главно Тајланѓани кои живеат во Израел, беа ослободени.

Израелските власти проценуваат дека околу 240 луѓе беа киднапирани и однесени во Газа на 7 октомври во невиден напад на екстремистите од Палестинската исламска организација, во кои загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел.

Таа земја се закани дека ќе го уништи Хамас и израелската војска ја опколи и почна да ја бомбардира малата палестинска енклава, а подоцна започна копнена офанзива.

Според владата на Хамас, убиени се речиси 15.000 Палестинци, меѓу кои и околу 6.000 деца.

Првото четиридневно примирје стапи на сила во петокот, а потоа беше продолжено за уште два дена до четврток во 7:00 часот по локално време.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го нарече примирјето „трошка надеж и хуманост среде темнината на војната“.

Во меѓувреме, посредниците се обидуваат да го продолжат примирјето и размената на заложниците да продолжи и по четврток.

Се очекува оваа недела државниот секретар Ентони Блинкен да ги посети Израел и Западниот Брег.

„Нашата главна цел во овој момент и нашата надеж е да постигнеме траен прекин на огнот што ќе доведе до понатамошни преговори и крај на војната“, рече портпаролот на катарскиот министер за надворешни работи, Маџид ал Аслани.

Засега, примирјето може да се продолжи за еден ден на секои десет заложници што Хамас гарантира дека ќе ги ослободи.

Сепак, неизвесно е дали може да трае повеќе од 10 дена, како што беше предвидено во првичниот договор.

Продолжувањето на прекинот на огнот овозможи испорака на нова помош за жителите на Појасот Газа, кој Израел го бомбардира веќе седум недели.