И покрај заклучокот на Владата да се набавуваат „еколошки“ возила, на годишно ниво дури 94 проценти од купените возила се на дизел или бензин. Ова меѓу другото стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), од каде што ги анализирале „зелените“ набавки поврзани со заштитата на животната средина за детектирање на ризиците од корупција.
– Во земјава речиси да не се спроведуваат „зелени“ набавки, иако Законот за јавните набавки тоа го овозможува и поттикнува. Институциите не ги почитуваат ниту малиот број мерки донесени од Владата со кои преку јавните набавки треба да се влијание врз заштита на животната средина – стои во клучните наоди во Извештајот на ЦГК.
Иако уште во декември 2019 година Владата реши да набавува вода во стаклени шишиња, според истражувањето, 90 проценти од водата што ја купуваат институциите е во пластични шишиња, за што годишно се трошат околу половина милион евра.
– Не се бара еколошки карактеристики или ознаки ниту кај набавките на производи кои директно ја загадуваат животната средина како што се средствата за чистење, тонерите, печатарите итн. „Зелени“ аспекти во набавки отсуствуваат од почетокот на постапките – планирањето на набавките, преку описот на производите и критериумите за избор – сè до реализацијата на договорите. На тендерите поврзани со заштита на животната средина има просечно по две понуди по тендер со што конкуренцијата е пониска отколку на другите тендери во земјава. – се вели во истражувањето.
Оттаму оценуваат дека државава треба итно да донесе политика за „зелени“ јавни набавки која ќе биде задолжителна за спроведување од сите државни институции.