Многу кандидати, една претседателска фотелја! 

Многу кандидати од партиите за претседателската фотелја во „Вила Водно“, во пресрет на изборите во април, но сè уште ниту еден не е потврден. Иако надвор од очите на јавноста, во партиските штабови веќе интензивно ги подготвуваат своите стратегии како би привлекле најголем број гласачи и да добие свој кандидат за претседател. И актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски не станува веднаш од претседателската фотелја, како што првично беше протолкувана неговата изјава во средата. Иако тој утрото кажа одлучно „не“ за негова повторна кандидатура, истиот ден вечерта се дообјасни дека изјавата била во контекст на тоа дека во овој момент не размислува за власт и за избори и дека има време до по Нова година да размислува за тие работи. Откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во вторникот вечерта објавија дека е почната подготовката за избор на кандидат на партијата за претседател на државата, и изборот традиционално ќе биде направен на Изборната конвенција, којашто ќе се случи на 2 март идната година во Скопје, денеска и премиерот Димитар Ковачевски потврди дека внатрепартиската процедура за избор на кандидат за претседател е почната и во СДСМ

135

Многу кандидати од партиите за претседателската фотелја во „Вила Водно“ во пресрет на изборите во април, но сè уште ниту еден не е потврден. Иако надвор од очите на јавноста, во партиските штабови веќе интензивно ги подготвуваат своите стратегии како би привлекле најголем број гласачи и добие свој кандидат за претседател. И актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски не станува веднаш од претседателската фотелја, како што првично беше протолкувана неговата изјава во средата. Иако тој утрото кажа одлучно „не“ за негова повторна кандидатура, истиот ден вечерта се дообјасни дека изјавата била во контекст на тоа дека во овој момент не размислува за власт и за избори и дека има време до после Нова година да размислува за тие работи.

-Прашањето на вашата колешка беше дали размислувам за втор мандат. Јас реков дека не размислувам и право да ви кажам не знам кој нормален човек, граѓанин на нашава Македонија или политичар најмалку, би можел во вакви траорни времиња низ кои поминуваме да размислува за власт, за избори, за мандати. Изборите се в година, закажани за април и за мај, имаме доволно време после Нова година да размислуваме за тие работи, меѓутоа во овој момент моите мисли се насочени  само кон семејствата на настраданите и се разбира во рамките на мојата функција да го изработам до крај мандатот, во согласност со потребите на граѓаните кои ми ја дадоа честа да ја водам државата пред четири и пол години, изјави Пендаровски.

Претходно и од неговиот Кабинет, за весникот ВЕЧЕР појаснија дека нема промена на ставот на претседателот и дека сè зависи од поддршката на граѓаните и на партиите.

Од СДСМ, од каде што Пендаровски би требало да ја добие поддршката за нова кандидатура, пак, информираат дека во тек е процедурата за избор на нивен кандидат. Заменик-претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни работи, Сања Лукаревска, во телевизиско гостување истакна дека во наредниот период ќе биде позната целата процедура за секој кој сака да се кандидира за претседател на државата.

 -Во наредниот период ќе ја објавиме целата процедура за секој оној што сака да се кандидира за претседател на државата. Ќе треба да подготви и да презентира програма на сите тела и органи на партијата. На крајот ќе се носи одлука да се избере најдобриот победнички кандидат, рече Лукаревска во гостување на ТВ 24.

Денеска премиерот Димитар Ковачевски потврди дека внатрепартиската процедура за избор на кандидат за претседател е почната и дека партијата има одлука на Извршниот комитет. Тој ги повикува сите политички партии без разлика на нивната идеолошка и етничка припадност да им се придружат во широк Европски фронт, што ќе се залага за земјава до 2030 година да стане членка на Европската унија. Ковачевски е уверен дека претседател на државата ќе биде кандидатот на СДСМ и коалициските партнери и дека тој повторно ќе формира Влада.

-Тоа ќе биде кандидат кој ќе се грижи за стратешките цели на државата, претседател на сите граѓани, кој ќе се грижи за остварување визијата за просперитетна Македонија и ќе стане – земја членка на ЕУ. Истовремено на парламентарните избори, со оглед на тоа дека СДСМ ќе настапи со европска коалиција, и ќе ја добие довербата од граѓаните и на тие парламентарни избори јас повторно ќе го добијам мандатот за формирање на следната влада со која ќе влеземе во полноправно членство во ЕУ, рече Ковачевски и истакна дека сè уште не разговарале со раководството на Демократската унија за интеграција во однос на името на техничкиот премиер.

Иако од штабовите на партиите досега нема конкретни имиња на кандидати кои ќе влезат во претседателската трка, дел од имињата за кои се шпекулира во јавноста во таборот на СДСМ се екс-министерката за одбрана Радмила Шекеринска, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој изјави дека нема да одбие да биде консензуален претседател, но само доколку биде кандидиран како граѓанин, а не како Албанец.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во вторникот вечерта објавија дека е почната подготовката за избор на кандидат на партијата за претседател на државата, и изборот традиционално ќе биде направен на Изборната конвенција, којашто ќе се случи на 2 март идната година во Скопје. Се шпекулира дека на листата имиња за кандидати за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, се кандидатката од претходниот изборен циклус, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, професорот Александар Спасеновски и кардиохирургот Сашко Кедев. Силјановска-Давкова не ја негираше можната повторна кандидатура, но изјави дека не е сигурна и дека со лидерот на партијата Мицкоски не разговарале на оваа тема. Уште пред два месеца, Мицкоски изјави дека во партијата веќе се разгледуваат 22 кандидати кои се влезени во потесниот круг за претседател на државата.

На лидерската средба на 4 декември, партиите се договорија на 8 мај да се гласа на парламентарни и втор круг претседателски избори, а претходно, на 24 април да се одржи првиот круг од претседателските избори.

Досега, единствен кој официјално се промовираше како кандидат за иден претседател е професор д-р Вело Марковски. И од новоформираната политичка партија ЗНАМ – За наша Македонија, најавија дека на следните избори ќе излезат со свој кандидат за претседател, но и оттаму не излегоа со конкретно име. (В.С.Н.)