Млади волонтери ќе ја истражуваат кривопаланечката традиција

35

Создавање можности за волонтирање и младински активизам е целта на проектот „Не кулирај – волонтирај и креирај!“, кој ќе биде реализиран од Регионалниот центар за соработка „Спектар”, во соработка со Градскиот музеј – Крива Паланка.

Во тек е повикот за млади волонтери, кои можат да се пријават во Градскиот музеј или кај Жаклина Цветковска од РЦС „Спектар“. Предвидено е да бидат вклучени дваесетмина млади на возраст од 15 до 19 години, кои ќе го истражуваат нематеријалното културно наследство и ќе изработат серија аудио и видеоприказни, кои ќе останат во трајната збирка на музејската установа.

– Преку едукација и менторска поддршка на младите, сакаме да ја подигнеме свеста кај нив за волонтерството, за активизмот и за нивната моќ да носат позитивни промени во локалната заедница. Во овој случај, младите ќе ги истражуваат традицијата, обичајните вредности и народното творештво, изработувајќи аудио и видеозаписи, приказни и мултимедијални продукти. Со оваа акција ќе се обезбедат вредни артефакти за кривопаланечката култура, а воедно, младите ќе бидат активни чинители, кои даваат придонес за својата општина – вели Методи Цветковски, претседател на РЦС „Спектар”.

Активностите ќе траат шест месеци, а ќе резултираат со изложба и со јавна дебата за нематеријалното културно наследство и за активизмот, како и за формирање клуб на млади лидери – соработници на Градскиот музеј, кои понатаму ќе продолжат со волонтерските активности во оваа локална институција.