Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има, изјави денеска во Охрид, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во коментар во однос на најавата на Владата за формирање на работни групи за подготовка на текстот на амандманите на Уставот.
– Уставни измени во овој пратенички состав под бугарски диктат и во овие околности нема да има. Тоа што го прави власта е процес кој што на крајот ќе се удри во ѕид, односно ќе заврши неуспешно. Предупредивме дека за тоа што го превземаат како обврска од името на сите нас, не само што немаат кредибилитет, туку и не можат физички да го поминат. Тогаш се сеќавате правеа некакви реминисценции и потсетувања од времето на Преспа, но ги предупредивме дека е друго време дека ова не е времето кога можеа да се договараат со одредени уценети политички поранешни структури кои што за жал функционирале во ВМРО-ДПМНЕ. Такви нема сега повеќе, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека од власта доаѓале најави дека процесот на уставни измени ќе започне во септември-октомври 2022, а кога тоа не се случи потоа како темин најавувале кон крајот на годината во декември, па потоа во февруари, а сега го префрлаат тежиштето на мај-јуни.
– Тоа нема да се случи ниту во мај, ниту во јуни, затоа што ние имаме принципиелен став од самиот почеток. Создадоа проблем кој што не можат да го решат, создадоа проблем кој што сите ние го имаме и ако продолжат дополнително да го комплицираат ќе се треснат сите во една мртва улица, но за жал тоа ќе биде еден огромен проблем за сите граѓани и за Македонија како држава. Но, јас еве ви ветувам дека за сето ова што го прават ќе има и одговорност, веднаш откако новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста во владата, изјави Мицкоски.
Мицкоски денеска го посети Охрид, каде заедно со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков извршија увид на градежни активности на улицата „Ѓорче Петров“.