Првиот голман на македонската ракометна репрезентација Никола Митревски, го одигра најдобриот овосезонски натпревар во Лигата на шампиони. Искусниот чувар на мрежата на Порто беше најзаслужен за епскиот пресврт на португалскиот тим против ГОГ Гудме и победата од минимални 32:31. Данскиот тим имаше брилијантно прво полувреме, во кое се избори за сигурна предност од 15:21. Сепак, по паузата на сцена стапи нашиот чувар на мрежата и се случи чудо на мечот. Митревски едноставно беше несовладлив за противникот во второто полувреме. Битолчанецот зад своето име забележа неверојатни четиринаесет интервенции и заслужено беше избран за играч на натпреварот.
Соиграчите ја искористија моќната партија на македонскиот голман и со 17:10 во вториот дел се изборија за голема победа и значајни бодови во групата Б од ракометната елита на ЕХФ.
Ракометарите на Веспрем забележаа голема победа во дербито на колото во Лигата на шампионите. Унгарскиот гигант му отчита ракометна лекција на ланскиот полуфиналист Барселона и од Каталонија се враќа со значајни два бода, откако победи со 36:41.
Во групата А, каде што се натпреварува и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, екипата на Кил приреди изненадување и среде Париз го совлада моќниот ПСЖ со 28:34. Во Париз блеснаа Раинкајнд и Елефсен со по седум гола, додека за ПСЖ се истакна Сипжак со осум погодоци.
Екипата на Висла Плок им се израдува на првите бодови во Лигата на шампионите. Полскиот претставник во дуелот со уште еден тим кој до ова кола беше без бодови, Целје Пивоварна Лашко, конечно заигра како што посакуваше и победи со 30:25.