Државата гарантира дека ќе го обесштети инвеститорот во случај идната централа „Митилинеос“ да претрпи штета ако има војна или, пак, вооружен грабеж, но и во случај на некој друг тип на вонредна состојба, револт, немири и востанија. Ова се дел од измените на законско решение за грчкиот стратешки инвеститор, кое повторно е доставено во Собранието. По бурните реакции поврзани со оваа стратешка инвестиција, која здружението на инженери ја укажа дека државата повеќе губи отколку што добива, законите беа повлечени, доработени и сега се повторно во Собранието пред пратениците.

Но вчера на официјалната собраниски страница, на дневен ред на 26 седница стоеше дека овие закони се повлечени. Во последната  ситуација вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е наведен како предлагач на четирите закони. Владата првичната верзија ја повлече, а потоа ги врати во собраниска процедура.

Претходно, пред да бидат повлечени, предлагач беше министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ, кој меѓувреме изрази резерви за еден од законите.

Според Битиќи, законите биле повлечени за да елиминираат недоумиците во врска со тврдењата дека за нив нема мислења од дел од институциите.

Исто така со новиот закон се дефинира дека овој инвеститор ќе добие финансиска поддршка од државата и тоа во солидни 17 проценти од нивната инвестиција. Станува збор за оние 49 милиони евра, кои и претходно и беа познати на јавноста. Вредноста на капиталот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект останува иста или 290.000.000 евра.

Предлагачите на овој закон истакнуваат дека целта на овој Предлог-закон е реализација на инвестициониот проект когенеративна постројка што претставува еден од проектите со највисок стратешки приоритет за државата. Според нив инвестицијата ќе придонесе за стабилност на цената на електрична енергија на долг рок поради договорената формула за утврдување на тарифата за енергија произведена од постројката, како и за цените за топлинска енергија.