Кошаркарите на МЗТ Скопје останаа во игра за опстанок во АБА лигата, откако вечерва во драматична завршница славеа на домашен терен против тимот на Задар со 84:80.

ФОТО: Петр Стојановски

Македонскиот шампион водеше во текот на целиот меч, во втората четвртина и со +23 (40:17), но му дозволи на противникот од Хрваткса да се доближи и да направи пеколен финиш. Сепак, победата замина во рацете на тимот од Аеродром, кој беше поприсебен во завршните секунди и сосема заслужено дојде до петтата победа во 24. коло во Регионалното натпреварување.

Во полза на „аеродромци“ беше и резултатот од мечот меѓу Сплит и Борац, кој домаќинот го доби со 113:99 и сега е на само една победа од тимот од Чачак.

Во следната рунда МЗТ оди на мегдан кај Сплит кој се бори за плејоф, додека во последното коло ја дочекува Цибона. Доколку МЗТ ги добие двата натпревари, а Борац впише два порази со фаворитите Црвена звезда и Будуќност, ситуацијата на табелата би се променила и нашиот тим би го избегнал последното место на табелата кое води во АБА2.