МАСАКР ВО РЕД ЗА ЛЕБ: Најмалку 112 убиени и стотици повредени Палестинци во Газа

49

Според последните информации од Газа, најмалку 112 Палестинци загинале, а 760 се повредени додека очајнички се обидувале да ја добијат потребната помош. Толпа луѓе тргнала кон колоната камиони на крајбрежниот пат југозападно од градот Газа, во присуство на израелски тенкови.

Израелската армија тврди дека тенковите испукале предупредувачки истрели, но не го погодиле конвојот. Некои Палестинци велат дека војниците пукале директно во нив. Палестински сведок изјави за Би-би-си дека повеќето од загинатите биле прегазени додека камионџиите се обидувале да се пробијат напред. Израелските снимки од воздух покажуваат стотици луѓе околу камионите, додека видеа објавени на интернет покажуваат како тела се товарат во испразнетите камиони со хуманитарна помош и на колички влечени од магариња.

Наведувајќи ги бројките од 112 загинати и 760 повредени, Министерството за здравство на Газа управувано од Хамас го обвини Израел за масакр. Советот за безбедност на ОН закажа вонреден состанок зад затворени врати за да разговара за инцидентот.

Франција рече „отворањето оган од израелски војници врз цивили кои се обидуваат да добијат храна е неоправдано“. Американскиот претседател Џо Бајден изрази загриженост дека инцидентот може да ги искомплицира напорите на посредниците кои се обидуваат да обезбедат примирје во војната меѓу Израел и Хамас.

Организацијата Лекари без граници објави дека е згрозена и повика на итен и одржлив прекин на огнот. Инцидентот се случи неколку часа пред Министерството за здравство на Газа да објави дека повеќе од 30 000 луѓе, вклучувајќи 21 000 деца и жени, биле убиени во Газа од почетокот на актуелниот конфликт на 7 октомври.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, по смртта на лицата дојдени да добијат дел од помошта, изјави дека инцидентот мора да биде независно истражен. И Турција вчера им се придружи на Саудиска Арабија, Египет и Јордан во осуда на израелските сили кои пукале врз Палестинците кои чекале испорака на помош во северниот дел на Појасот Газа.

Турското Министерство за надворешни работи оцени дека настанот е „уште едно злосторство против човештвото“.

Палестинското претседателство најостро го осудува грозоморниот масакр што резултираше со убиство на повеќе од 112 палестински цивили, што, како што соопштија, го извршила израелската окупаторска армија врз невини граѓани во градот Газа, кои чекале да пристигне камион со хуманитарна помош .

„Овој нов масакр беше извршен врз цивили кои ги ризикуваа своите животи обидувајќи се да добијат мала количина храна и тоа е составен дел од геноцидната војна на Израел против палестинскиот народ, која резултираше со убиство на повеќе од 30 илјади Палестинци, главно жени и деца“, се вели во соопштението.

Тие велат дека Израел, окупаторската сила, е целосно одговорен за ова грозоморно злосторство и дека ќе одговара пред меѓународниот суд.

Израелската војска соопшти дека дошло до „стампедо“ кога илјадници очајни жители во Газа опколиле конвој од 38 камиони со хуманитарна помош, убивајќи и ранувајќи десетици лица, од кои некои биле прегазени од камионите. Извор во Израел призна дека војниците пукале врз толпата верувајќи дека тие „претставуваат закана“.