Прилепската чаршија е сè уште во шок по свирепото убиство на тинејџер кое се случи четвртокот вечерта околу 19:30 часот во центарот на Прилеп. Се работи за 14-годишно момче, кое било избодено до смрт, во близина плоштадот. Очевидци пред полицијата изјавиле дека на свирепото убиство му претходела расправија на повеќе лица, по која момчето почнало да бега од групата, но паднало на влезот на пред деветкатницата во прилепската чаршија по што било стигнато од групата која учествувала во тепачката.
Првично, кога полицијата го нашла момчето, не можела да го утврди идентитетот бидејќи кај него не биле пронајдени лични документи. Откако било идентификувано, надлежните дале наредба за обдукција на телото.
-На 29. 2. 2024 во 19:37 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп било пронајдено лице со повреди, по што билo пренесено во Градска болница Прилеп, каде што лекар констатирал смрт и било утврдено дека се работи за малолетник од Прилеп. Полициски службеници од ОВР Прилеп заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик, истакнаа од МВР.
Од Итната помош потврдуваат дека момчето подлегнало од повеќе убоди кои му биле нанесени по телото.
-Во 19:35 часот во службата за ИМП – Прилеп беше примен повик за лице паднато што крвави кај Бутик „Парис”. Повикот беше примен преку 112. Екипата одговори на повикот и излезе на терен. На местото на настанот пациентот беше паднат, без свест, неконтактибилен, без витални параметри. Екипата интервенираше, пациентот беше ставен на носилка и беше веднаш започнато СБМО (Срцево белодробно мозочно оживување). Пациентот беше транспортиран во ЈЗУ ОБ Прилеп – оддел за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување каде што се продолжи со кардиопулмонална ресусцитација. И покрај преземените мерки за реанимација и напредно одржување во живот, пациентот не ја прифати реанимацијата, информираше д-р Јована Присаѓанец.
Вчера, по полициската истрага, експресно биле уапсени двајца осомничени од истото село од каде што е и убиеното момче, еден малолетник и едно 21-годишно момче. Малолетникот го признал делото.
-На 1. 3. 2024 година во 4 часот, во с. Сенокос, општина Долнени, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода малолетник и В.Т. (21), двајцата од с. Сенокос, поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“. Полициски службеници од ОВР Прилеп заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик, информираа вчера од полицијата.
Неофицијално осомничениот малолетник и убиениот имале недоразбирања и претходно. Во Прилеп, од почетокот на годината ова е второ убиство.